23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев по 24. Конгрес: Ова се личностите што ќе ја донесат победата имаме двојно подобра понуда затоа што можеме и подобро и повеќе

Интегрален текст од обраќањето на претседателот на СДСМ, Зоран Заев од 24-от Конгрес на СДСМ

Почитувани присутни,

Низ плодна дискусија, во работна и демократска атмосфера, Конгресот, највисокиот орган на одлучување на партијата, ги донесе следните одлуки кои претходно беа усвоени и од Централниот одбор на партијата.

Конгресот го прифати предлогот Програмата „Можеме!“ да биде официјална предизборна Програма на СДСМ и Коалицијата.

Како што најавивме, СДСМ започнува нова пракса со тандем на носители во сите изборни единици, маж и жена за целосна родова еднаквост.

Граѓаните во изборната единица 1, очекуваат правда и правичност, интеграција во ЕУ, повисоки плати и пензии и чиста животна средина. Пред граѓаните во изборна единица 1 настапуваме со 20 имиња на личности кои уживаат голема доверба во општеството. Нивната листа ќе ја предводат Никола Димитров и Мила Царовска.

Економски раст и развој, модерна инфраструктура и грижа за најранливите, сигурност и безбедност се очекувањата во изборната единица 2, затоа чест да ја предводат листата ќе имаат Оливер Спасовски и Сања Лукаревска.

Силно и конкуретно земјоделство, повисоки плати и можности за младите, подобро здравство ова го нудиме пред граѓаните во изборната единица 3, 20-те кандидати во оваа избрна единица ќе бидат предводени од Љупчо Николовски и Јагода Шахпаска.

Во изборната единица 4 влегуваме со силни инвестиции во инфрастурктирата, со уште посилна поддршка за земјоделците и уште повеќе можности за младите, тоа ќе треба да го испорачаат пратениците од оваа изборна единица а предводени од мене, Зоран Заев и Соња Миракоска.

Во изборната единица 5 носиме стабилност, безбедност, странски инвестиции, обезбедуваме раст на платите и силна поддршка на туризмот. Овде честа ќе ја имаат да ја предводат пратеничката листа Радмила Шекеринска и Јован Митрески.

Концептот едно општество и концептот повеќе пари кај граѓаните уште еднаш ќе ги потврдиме и тоа најмногу во 6-та изборна единица. Најразнолика изборна листа е токму овде и таа ќе биде предводена од претседателот на Движењето БЕСА Билал Касами и Фаница Николовска.

Почитувани,

Ова е понудата на СДСМ и Коалицијата за изборите. Овие се личностите кои ќе ја донесат големата, веќе извесна победа на 12 април.

Ова се луѓето кои даваат збор и пред мене и пред вас дека ќе работат одговорно, чесно и отворено во процесот на продолжување на успешните политики.

Ова е најголемата, најразноликата и победничка коалиција со родово најизбалансираната понуда на сите избори од независноста па до денес.

Со ваква понуда немаме дилеми, ние сме победници на 12 април.

Победници сме затоа што се обединивме околу вредностите и визиите што значат развој, напредок, подобар живот за нашиот народ, за нашите деца.

Сите политички субјекти во оваа Коалиција ја препознаа важноста државата да продолжи по вистинскиот пат, концептот едно општество да се зацврсти уште повеќе, економскиот напредок да биде уште посилен, затоа што само така ќе биде уште подобро за сите.

Им благодарам на сите коалициони партнери кои предложија чесни, одговорни и угледни личности да бидат дел од листите. Им благодарам и на оние партии кои не се застапени со кандидати за пратеници, а кои продолжуваат да даваат придонес во градењето на квалитетни политики и ќе продолжат да учествуваат рамо до рамо со нас во Извршната власт.

Задоволство е да се соработува со вас и тоа ќе продолжи и натаму.

Почитувани присутни, почитувани граѓани,

Сега кога државата е на вистинскиот пат, кога станува дел од НАТО и започнува преговори со ЕУ важно е да продолжиме уште поисилно по тој пат.

Важно е да продолжат реформите, да продолжат да растат платите и пензиите, да расте економијата, да растат инвестициите, да продолжи развојот на инфраструктурата, да продолжат вложувањата во образованието, здравството, социјалната заштита.

Две и пол години покажуваме дека можеме. Можеме да работиме и на домашен и меѓународен план, можеме да обезбедиме стабилност, сигурност и иднина. Можеме да обезбедиме пари за се во нашето општество, да вложуваме секаде и во секого.

Докажавме, а во новиот мандат ќе потврдиме дека можеме уште повеќе и уште подобро.

Јас, носителите зад мене, но и сите 120 кандидати за пратеници – ви даваме збор.

Нема да застанеме со реализација на мерки и политики важни за државата. Нема да дозволиме враќање назад, нема да дозволиме напредокот, развојот да бидат загрозени. Не, сите ние ќе продолжиме уште повеќе и уште подобро.

Со силна посветеност и ангажираност ќе ги реализираме сите столбови на програмата коишто вечерва ги усвоивме.

Почитувани граѓани, почитувани присутни,

Ќе продолжиме, затоа што знаеме и затоа што можеме!

И тоа ќе го покажеме на 12 април и уште повеќе ќе го покажеме во мандатот по победата.

Нема застанување, нема враќање назад! Со силни чекори грабиме напред!

Градиме модерна, силна, развиена држава!

Стануваме членка на НАТО, почнуваме преговори со ЕУ!

Градиме фер, праведно и еднакво општество!

Можеме!

Уште подобро!

Уште повеќе!