27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Заев: Извештајот на Европската Комисија потврди дека нашите успешни политики се препознаени, сега на ред е ЕУ

„Денеска на израдува денот со соопштувањето на извештајот. За мене тоа е потврда дека нашиот народ, Парламентот, Владата ги завршила своите обврски. Тоа што зависи од нас е завршено“, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање во однос на извештајот на Европската Комисија за Република Северна Македонија.

Претседателот Заев истакна дека позитивниот извештај на Европската Комисија дополнително потврдува дека успешните политики се препознаени и дека државата продолжува на европски пат.

„Самиот извештај потврдува дека испративме сериозна порака за продолжување на европскиот пат, преку Законот за јавно обвинителство и останатите реформи процесуирани преку законите, како што се реформите во јавната администрација, екипираноста на безбедносните служби и тоа Агенцијата за национална безбедност, Оперативно – техничката агенција, Законот за промена на Агенцијата за разузнавање.

Сериозното работење на Комисијата за антикорупција и борба против корупцијата и криминалот продолжува со посветено темпо.

Сето ова како извештај денеска е верификувано од страна на Европската Комисија и ќе биде проследено до земјите членки од каде очекуваме Европскиот Совет да носи позитивни одлуки“, одговори претседателот Заев и ја искористи приликата да испрати порака до европските граѓани и до нивните лидери, како и до Европската Комисија да го исполнат своето ветување.

„Време е да го исполнат своето ветување. Продолжуваме и покрај историската грешка што беше направена со Република Северна Македонија на октомврискиот самит на Европскиот Совет.

Ние не очекуваме веднаш членство, ние очекуваме после 15 години одлука за добивање на датум за почеток на преговорите, отворање на пред пристапните фондови, поглавјата по кластери и на фер начин преку вистински реформи, трансформации и подигнување на економскиот стандард кај нашиот народ.

Не би си дозволил да коментирам кога очекуваме одлука. Тоа што го вети Европскиот Совет беше не подоцна од Мај, пред Европскиот Самит за Западен Балкан кој што ќе се одржи во Загреб на 7-8 мај. Ние ќе чекаме кога ќе бидат готови да ја донесат одлуката, а се надевам ќе го израдуваат нашиот народ час поскоро, но до тогаш ние продолжуваме да работиме“, заокружи претседателот Заев.