Додека граѓаните плаќале за 100 проценти повисока цена на струјата, Христијан Мицкоски како тогаше директор на ЕЛЕМ, народните пари расипнички, криминално ги раздавал на лица од ВМРО-ДПМНЕ, обвини портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Тој рече дека скандалот поврзан со Мицкоски покажал како преку Договори за адвокатски и советодавни услуги народните пари ги исмпупувал за да завршат кај Панче Тошковски, негов пријател од ВМРО-ДПМНЕ.
„Првиот Договор Мицкоски го склучил во 2016 година тежок 1,6 милиони денари за две години. Само по 5 месеци, во март 2017 Мицкоски склучил нов Договор, вреден нови 8.850.000 денари, за адвокатски услуги. Само со овие два договори, за пет месеци, извршителот Мицкоски му обезбедил на Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ, 170.000 евра, пари на граѓаните. Еве ги почитувани дел од исплатите кон Тошковски обезбедени од извршителот Христијан Мицкоски. Само на оваа картичка, се гледа исплата на 2 милиони 655 илјади денари кон партискиот другар на Мицкоски, Панче Тошковски. Еве почитувани како извршителот Мицкоски на расипнички и криминален начин парите ги вадел од ЕЛЕМ и ги давал на негови партиски другари“, рече Костадинов.
Од СДСМ велат дека сите документи што ги добиле и коишто се индиции за криминал и расипништво со парите на граѓаните од страна на Мицкоски, ќе ги предадат до надлежните институции.
„Со усвојувањето на Законот за јавно обвинителство создадени се сите услови за надлежните институции да делуваат и да донесат правда. Никој, па ниту Груевски и Мицкоски ќе се спасат од одговорност. Освен со правдата, Груевски и извршителот Мицкоски на 12 април ќе се соочат со нов пораз од граѓаните“, додаде Костадинов.