Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Спасовски со регионалниот директор на СЗО за Европа: „Ги применуваме препораките на СЗО за коронавирусот“

Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, придружуван од министерот за здравство, Венко Филипче, од министерката за финансии, Нина Ангеловска, и од заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, се сретна со Ханс Клуге, регионален директор на Светската здравствена организација за Европа, придружуван од претставници на СЗО и од Џихан Тавилах, шефица на канцеларијата на СЗО во Скопје.

На состанокот е разговарано за ситуацијата со коронавирусот во светот и во земјава и за механизмите за заштита што ги преземаат државите, како и за реформите во здравството, со цел здрави граѓани.

Оценето е дека нашата држава, во однос на ситуацијата со коронавирусот, покажала висока подготвеност во примената на препораките на СЗО во делот на превентивата и во реакциите за заштита и дека е успешен пример како треба да се постапува и за други земји.

На средбата се споделени најновите информации околу ситуацијата со коронавирусот и се констатирани како важни навремената информираност на граѓаните за мерките за самозаштита, доследно следење на препораките на СЗО од страна на надлежните државни институции и преземањето навремени мерки за изолација на потенцијални случаи што нашата држава го прави.

„Ги презедовме сите потребни мерки, според препораките на СЗО и сите други мерки за коишто проценивме дека се потребни, со цел пресекување на патот на вирусот. Бевме свесни за можноста за појава на вирусот и во нашата држава и поради тоа ги направивме потребните подготовки. Кризниот штаб, формиран за справување со коронавирусот, посветено ги следи новите информации и е подготвен да ги даде навреме потребните насоки за реакција“, рече премиерот Спасовски.

На средбата е разговарано и за важните реформи за здравствениот систем. Заеднички е посочена важноста од мотивирани здравствени работници кои ќе работат во својата родна земја. Нагласена е посветеноста кон здрави работници, кои на тој начин можат да бидат продуктивни и во економијата. Заеднички е изразена определба кон развивањето култура на здравје и здрав начин на живот, кон што нашата држава, како што е речено, е подготвена да работи заедно со СЗО, како земја којашто е определена кон почитување и придонес кон европските критериуми и вредности.

Во оваа насока, оценето е дека земјава е на вистинскиот пат и дека треба да продолжи со реформите што се од значење на граѓаните.

Претставниците од СЗО од Европа се тука за вториот Национален форум „Здрави мајки, здрави новороденчиња: Северна Македонија одговара на предизвиците“.

Можеби ќе ве интересира

Филипче: Пари за 600 евра минимална плата само со кратење на луксузот на власта

ДЕСК

Обвинителството оформи предмет по допрен глас за наводите за транспорт на мозоци од починати лица во САД

ДЕСК

СДСМ: Молкот за дрогата од 5 тони е потврда дека скандалот оди до врвот на власта

ДЕСК