25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

За две години значително намалена смртноста кај бебињата

Анализата на новинарката Менче Атанасова Точи на состојбите во македонското здравство во периодот од 2008 до 2018 година продолжува на опсервирање на смртноста на новороденчиња и на родилките, состојбите и родилиштата и достапноста на гинеколози специјалисти.

Во 2010 година, кога за три месеци починаа седум родилки, инспектори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и членовите на посебната комисија на Министерството за здравство почнаа инспекциски надзор во 32-те родилишта низ државата. Тие ги проверуваа условите во кои работат гинеколошко-акушерските одделенија. Министерството одлучи да воведе вонредни мерки, а како дел од нив го затвори и прилепското родилиште во кое починаа две родилки за само десет дена.

Во октомври 2015 година јавноста беше потресена од смртта на 32-годишната Маја Кадиева од Дојран која почина заедно со нејзиното бебе при породување со царски рез во болницата во Гевгелија. Обдукцијата покажа дека младата жена била задушена со тубусот кога ѝ била давана анестезија, а бебето починало поради немање воздух. Истрагата покажа дека анестезиолозите во операционата сала дошле во алкохолизирана состојба.

Овој случај ги исфрли на површина сите недостатоци на здравствениот систем во државата. Се покажа дека гевгелиската болница одамна не го заслужува статусот да биде болница, ниту по условите во неа, а најмногу поради немањето кадар.

Според анализата на Точи, децениското стопирање на државните специјализации доведе до тоа да нема лекари специјалисти секаде низ земјава. Недостасуваат гинеколози, анестезиолози, педијатри и лекари од други специјалности. Се затворија повеќето родилишта во малите места каде што состојбата беше критична; трудниците за породување патуваат до најблискиот град.

Македонија стигнала на врвот на листата по смртност на новороденчиња во Европа. Причината за ваквата состојба гинеколозите ја гледаат во лошата здравствена политика, недостигот на гинеколози во државата и немањето финансиски средства за да се реализираат програмите наменети за жените во текот на бременоста. Приматот на земја со најголема смртност во Европа, Македонија го имаше речиси цела деценија, пишува Точи.

Само за пример, во 2015 година, според податоците на Државниот завод за статистика, стапката на смртност на новороденчиња до седмиот ден изнесува 14,3 и е највисока од сите земји на ЕУ, односно тројно повисока од европскиот просек, кој изнесува 5,2. Поразително е што во периодот на имплементација на Стратегијата на безбедно мајчинство од 2010 година, смртноста на доенчињата се зголемува од 7,5 во 2011 на 9,9 во 2014 година. Најголемо зголемување на смртноста на доенчињата во периодот од 2010 до 2015 година имало во 2012 година, кога само за една година бројот на починати доенчиња се зголемува за 25,2 проценти во споредба со претходната година, а бројот на живо родени се зголемил само за 3,4 проценти.

Подоцна, со смената на власта во 2017 година, излезе на виделина и хоророт кој се случувал на Клиниката за гинекологија, кој го обелодени Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Недоволниот број на респиратори за дишење, на инкубатори, во кои биле сместувани по две новороденчиња, немањето простор за интензивна нега, болничките инфекции, лошите услови, нарушените меѓучовечки односи меѓу лекарите беа наведени како дел од причините за зголемената смртност на новороденчиња во оваа установа.

Кога Универзитетската клиника за гинекологија ги отвори вратите за јавноста, се виде дека посебно критично е на одделот за интензивна нега каде што, поради малиот број на респиратори, лекарите биле принудени да избираат кое бебе предвреме ќе го исклучат од апарат. Недостасуваа и инкубатори, како и простор во којшто ќе бидат сместени. Нарушените односи меѓу лекарите, притисоците и стравот од претходната власт да се кажат проблемите го уништиле и овој важен сегмент од здравството.

Со цел да се намали смртноста на новороденчињата, една година подоцна, односно во 2018 година, на ГАК започна обука на мултидисциплинарни тимови од гинеколози/акушери, неонатолози и акушерки за ефективна перинатална грижа на здравствени работници согласно најновите протоколи и стандарди на Светската здравствена организација, во партнерството со Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА.

Беа набавени нови 24 инкубатори, дел за Клиниката за гинекологија, дел за болниците во неколку други градови. Тогаш започна мало, но видливо намалување на процентот на смртност на новороденчиња.

Во 2018 година, според Еуростат, државата беше на второ место по смртност на новороденчиња, што e висок процент, но според гинеколозите, потребно e време за да се стабилизира состојбата. Според податоците на ГАК, во 2017 година бројот на починати предвреме родени новороденчиња изнесувал 167 од вкупно 781 родени или 21% од третираните на одделението за интензивна нега, а во 2018 година за истиот период од 10 месеци починале вкупно 96 од 595 или 16% од третираните, стои во анализата.

Трендот на намалување на смртноста кај новороденчињата продолжува и, пред сè, се должи на неколку фактори: обновување и осовременување на апаратурата за работа, кадровски е зајакнат и доекипиран одделот, каде што веќе работат нови сестри и лекари кои позитивно влијаат врз квалитетот на работата на одделот. Имплементирани се осовременети и нови протоколи за работа, а засилено е и придржувањето кон нив, при што акцент е ставен на помалку инвазивен пристап секаде каде што тоа е можно, согласно светските трендови.

Сето тоа е постигнато благодарение на работата на Министерството за здравство со министерот Филипче откога се забележуваат овие позитивни трендови.

Тоа го потврдуваат и податоците, односно висината на перинаталната смртност (10,4) е намалена во однос на 2017 година кога изнесуваше 14,8. Таа голема мера зависи од здравствената состојба на мајките, како и од квалитетот на здравствените услуги поврзани со превенција и лекување на компликациите кои настануваат во текот на бременоста и породувањето.

Смртноста кај доенчињата, е исто така намалена односно во 2018 година бележи пад во однос на 2017 година и изнесува 5,7 на 1000 живородени. Вкупниот број на умрени доенчиња изнесува 122, додека во 2017 година изнесуваше 201 доенче.

Истовремено, како резултат на навременото откривање на патолошките состојби, бројот на регистрираните патолошки состојби во текот на бременоста е зголемен во 2018 за 23,9% во однос на 2017 година. Како поддршка на оваа здравствена заштита во 2018 година зголемен е бројот на вработени патронажни сестри во патронажните служби, од 291 во 2017, на 350 во 2018 година.