На 27 февруари Министерството за здравство, во соработка со Светската здравствена организација ќе го организира вториот Национален форум за здравје, под мотото „Здрави мајки, здрави новороденчиња: Северна Македонија одговара на предизвиците“.
„Ќе имаме можност да дискутираме за прашања од областа на здравјето, здравствените планови, заеднички да отвориме дискусија и да ги собереме сите информации од сите чинители, вклучувајќи ги пациентите и асоцијациите на пациенти и оние кои ги користат здравствените услуги“, потенцираше шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавила и додаде дека секогаш се работи заеднички, но овој пат работата е поконсолидирана и е под водство на Министерството за здравство со цел да се доближи заедничката визија за она што може да се направи во земјата, како истото да се направи и како да се подобри здравјето на граѓаните.
Филипче рече дека во текот на минатата година се почна со имплементација на сите препораки коишто излегоа од првиот здравствен форум, а којшто беше посветен на примарната здравствена заштита.
„Можам да кажам дека заедно со УН агенциите навистина постигнавме многу. Благодарение на соработката којашто ја имавме, ја преполовивме новороденечката смртност. Сите прематурни бебиња сега се третираат согласно најсовремените европски стандарди, со доволно опрема, но и со доволно едуциран кадар. Значајно се зголеми опфатот со вакцинација. Од некаде под 80%, тој во Скопје порасна на 99.5% благодарение на мерките коишто Владата ги презеде. Се соочивме со една епидемија со којашто одлично се справивме и навистина заврши за многу кратко време, а во околните земји таа навистина траеше многу долго и однесе огромен број на животи“, истакна министерот Филипче.