24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Судот во Стразбур пресуди против Македонија поради земање примерок од ДНК без судска наредба

Европскиот суд за човекови права вчера донесе пресуда со која се утврди дека начинот на кој полицијата собира, обработува и чува ДНК-материјал не е во согласност со членот 8 (правото на приватен и семеен живот) од Европската конвенција за човекови слободи и права.

Пресудата се однесува на случај од 2013 година кога двајца жалители застапувани од правниот тим на Коалиција Маргини и ХОПС поднесоа жалба до ЕСЧП со наводи дека во октомври 2009 и февруари 2010 година полицијата им зела примерок од ДНК без судска наредба и без нивна согласност под сомнение дека извршиле кривично дело.

Од граѓанската организација Коалиција Маргини велат дека оваа пресуда е исклучително важна за почитувањето на човековите права на граѓаните од страна на полицијата.

Според искуствата на Маргини и ХОПС, во периодот кога се извршени повредите полицијата имала пракса на арбитрарно земање на ДНК-примероци од луѓе што употребуваат дроги, прекршувајќи го нивното право на приватност.

Постапка пред домашните институции и пред ЕСЧП е водена од страна на Коалицијата сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници Маргини и Здружението ХОПС- Опции за здрав живот Скопје, а со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

„Апелираме пресудата на ЕСЧП да се почитува и да се спроведе во најкус можен рок, пред сé преку донесување јасна законска рамка за начинот на земање, обработка и чување на ДНК-примероци и прекинување на практиката на произолно земање на ДНК-примероци и унапредување на третманот кон луѓето кои употребуваат дроги од страна на полицијата“, велат од Коалицијата Маргини.