Секогаш во средиштето на збиднувањата...

СДСМ: Мизрахи работи на штета на граѓаните и го крши Уставот

СДСМ очекува Собранието да ја разреши Мизрахи од функцијата техничка министерка за труд и социјална политика.

Од партијата се децидни дека Мизрахи крши Устав и работи на штета на граѓаните, односно за неа не постои Устав, не постојат граѓаните и не постои интересот на државата.

„Мизрахи не го користи мандатот за спроведување на изборниот процес, ниту за да им помогне на граѓаните. Таа, мандатот во техничката влада го користи само за исполнување на нарачките на извршителот на Груевски, Христијан Мицкоски. Со непочитување на Договорот од Преспа, извршителот Мицкоски преку Мизрахи ги загрозува евроинтеграциите, членството во НАТО и ЕУ“, велат од СДСМ.

Партијата додава дека за кршење на Уставот следува одговороност, а Мизрахи не е никаква жртва.

„Техничката министерка за труд и социјална политика од ВМРО- ДПМНЕ, Рашела Мизрахи го одби предлогот да се зголеми опфатот на стечајни работници кои ќе добиваат месечен надомест до пензионирање. Таа функцијата ја злоупотребува само за партиски цели, за извршување на нарачките на Христијан Мицкоски и Никола Груевски. Освен функцијата, Мизрахи злоупотреби дури и службено возило во партиски цели. Оттука, очекуваме Собранието уште на првата наредна седница да ја разреши Мизрахи од функцијата техничка министерка за труд и социјална политика“, велат од СДСМ преку соопштение.