Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Шилегов: Во новиот урбанистички план го гледам Скопје како зелен град со внимателно распоредени површини

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, присуствуваше и се обрати на отворањето на Share конференцијата која всушност претставува форум на архитекти и инженери, што, според градските власти, е од исклучително значење за Скопје заради можноста за размена на искуства и идеи од областа на архитектурата и градежништвото.

На отворањето на конференцијата, кое се случи вчера во Националната филхармонија, Шилегов истакна дека од позиција на градоначалник се залага за рационално, контролирано и функционално ширење на Скопје.

„Оваа конференција е особено важна за нас како локална власт заради почнувањето на процесот за подготвување на новиот Генерален урбанистички план на Град Скопје 2022-2032, што е уште еден предизвик кој верувам дека ќе биде инспирација за многу дискусии и во рамките на оваа дебата“, нагласи тој.

Шилегов посочи дека во неговата визија Скопје е град на одржлив развој, визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура, соодветно планирање на комуналната инфраструктура, како и реконструкција на изградените простори и блокови.

„Скопје го гледам како зелен град со многу повеќе внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди одржлива урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедувањето чиста и здрава животна средина. Како градоначалник во повеќе наврати нагласив дека ќе се залагам Скопје да се развива и шири на начин што ќе го релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел од градот“, посочи скопскиот градоначалник изразувајќи надеж дека до 2022 година, кога истекува важноста на постоечкиот ГУП, има доволно време да се вклучат сите засегнати страни во изработката на новиот ГУП.

Тој, исто така, додаде дека Град Скопје е целосно подготвен да преземе сè што е неопходно неговите граѓани да добијат паметен и функционален град кој ќе биде во чекор со модерните европски градови.

спонзорирано: