25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Канческа-Милевска: Не сум учествувала во преговори за законот за ЈО

Пратеничката Елизабета Канческа-Милевска од Независната пратеничка група соопшти дека лично не учествувала во преговори за законот за Јавно обвинителство, ниту доставила какви било предлози по однос на овој закон.

„Сметам дека реформските закони како што се носеа и досега со консензус во Собранието и во соработка со власта и опозицијата и останатите политички партии, треба и во иднина да се носат на истиот начин, вклучувајќи го и законот за Јавно обвинителство. Oдговорноста по однос на овие закони и реформи треба да биде заедничка.

Партискиот интерес како приоритет треба еднаш засекогаш да се тргне на страна кога станува збор за суштински и сериозни реформи во правосудниот систем и да се почитува пред сè мислењето на експертите и професорите од оваа област вклучително и мислењето на меѓународната заедница.

Таа додава дека јавната дебата, која се одржа во Собранието, на дело покажала и докажала дека токму експертите и професорите, како и голем број стручни лица, имаат сериозни забелешки по однос на работната верзија на законот за ЈО.

„Заклучоците кои произлегоа од страна на јавната дебата треба да ни бидат добар основ во понатамошното носење на законот за ЈО“, вели Канческа.

Според неа, власта и опозицијата треба да се надминат себеси и низ еден транспарентен процес во соработка со сите експерти кои подобро и по стручно ја владеат оваа материја од нив, да донесат квалитетно решение кое ќе овозможи почитување на принципот на владеење на правото согласно европските стандарди.