„Ги охрабрувам тутунопроизводителите кои имаат тутун за предавање, да не ги фаќа паника и да не подлегнуваат на манипулациите дека тутунот нема да биде откупен. Седнавме на маса со откупувачите и постигнавме договор дека тутунот ќе биде откупен до последниот килограм, односно се’ што е договорено. Ако досега, за 50 дена се откупени 25 милиони и 300 илјади килограми, во следните дваесетина дена до први март, има време да бидат преземени преостанатите 600-700 тони тутун“, изјави на денешната прес конференција претседателот на Сојузот на тутунопроизводители, Менде Стомнароски, пренесе Публикум.мк.
Стомнароски упати апел до тутунопроизводителите, доколку некоја од откупните компании не сака да го преземе тутунот, или пак ако имаат проблеми по однос на процената на тутунот, да го известат Сојузот кој веднаш ќе го контактира Државниот инспекторат за земјоделство, после што заедно ќе излезат на терен и ќе го отстранат проблемот.
Исто така, првиот човек на Сојузот на тутунопроизводители информираше дека е изготвен нов Правилник за откуп на тутун, кој е доставен до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Со Правилникот се предлага и во следната реколта тутунот да се цени исто како и во изминатите две години, во три класи, со тоа што таквиот начин на откуп сега се става во пишан документ.
„Покрај тоа, бараме квалитетната трета берба да влезе во прва класа. Со новиот Правилник предлагаме и нови откупни цени, со кои нема да има повисока разлика од 60 денари од една до друга класа. Бараме првата класа да биде 300 денари, втората 240 и третата класа 180 денари за килограм“, истакна Стомнароски.
По однос на шпекулациите дека откупните пунктови во населените места се затворени, Стомнароски рече дека откупните компании кои треба да ги преземат преостанатите количини на тутун, а тоа се „Алијанса“ и „Сокотаб“, се присутни на терен со дежурни ваги. Тој потенцираше дека тутунопроизводителите треба таму да го носат својот тутун и дека се затворени само пунктовите на помалите фирми, кои целосно ја исполниле предвидената динамика на откуп на тутун.
Стомнароски уште еднаш потенцираше дека нема да остане неоткупен ниту еден лист на тутун и дека Сојузот на тутунопроизводители, преку своите повереници и во соработка со инспекторите, ќе се погрижи тутунот да биде проценет во вистинската класа.