24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Сопственикот на „Еко клуб“ ги охрабрува надлежните институции да ги расчистат околностите до крај

„Еко Клуб“ постои од 1990 година, деловно опстојува на комерцијалниот пазар и била предмет на најстроги контроли од сите надлежни институциии во периоди на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, и на СДСМ. Досега, ниту еден инспекциски надзор од ниту една државна институција не утврдила неправилности во најсовремената методологија за собирање, транспорт и третман на неопасен комунален и опасен – медицински отпад, која во компанијата се практикува секојдневно и е под 24 часовен задолжителен, законски видео надзор и мониторинг, соопшти денеска во писмена изјава испратена до медиумите сопственикот на фирмата „Еко Клуб“ Д.О.О. Сашо Јанакиевски.

Тој во изјавата вели дека компанијата „Еко клуб“ станала цел на политичка пресметка и оти со овие, како што вели, тешки обвинувања се нарушува неговиот, угледот на неговото семејство и деловно се напаѓа и дисвалификува компанијата.

– Сметам дека во едно демократско општество компаниите не смеат да се делат партиски, особено затоа што учествувале и добиле јавни набавки во периоди на владеење на различни партии. Под целосна морална, материјална и кривична одговорност јавно тврдам дека не сум, ниту сум имал потреба, ниту пак сум сакал да бидам дел или „близок“ на некоја политичка структура, додава Јанакиевски во соопштението.

Овие тешки обвинувања, се вели во писмената изјава, дека за личен профит сум го ризикувал здравјето на граѓаните е застрашувачки и монструозен напад кон мене и моето семејство, но и за Република Северна Македонија, која е на прагот на НАТО и очекува датум за почеток на преговори со ЕУ.

Во изјавата се додава и дека тој вчера ја известил унгарската амбасада дека поднесува неотповиклива оставка од должноста почесен конзул на Република Унгарија во Република Северна Македонија, бидејќи, како што се наведува, има намера правдата да ја истера до крај и за да нема дополнителни шпекулации дека наводно се затскрива или ја злоупотребува должноста.

– Ја користам приликата да ги охрабрам сите надлежни институции до крај да ги расчистат сите околности во врска со обвинувањата на политичките партии. Сметам дека е многу важно јавноста да биде целосно запознаена како се направени фамозните снимки кои беа прикажувани и кој се е инволвиран во режијата, се наведува во писмената изјава што Јанакиески ја испрати до медиумите.

Таму се наведува и дека компанијата „Еко Клуб“ од пред извесен период има доминантен странски инвеститор од Сојузна Република Германија и оти во моментот кога Јанакиески ќе добие овластување/полномошно од стратешкиот инвеститор – мултинационалната компанија „Ремондис“ со седиште Лунен, Германија, јавноста ќе биде запознаена со сите факти, мотиви и причини за, како што стои во соопштението, хајката која се води кон мене и „Еко Клуб“.

– Затоа, се извинувам на јавноста и медиумите што и покрај сите нивни напори да добијат мој став, не можев да одговорам заради објективните околности. Во меѓувреме, мојот правен тим ги презема сите неопходни правни чекори за да ги заштити интересите на компанијата. Нема да дозволиме со невистини и конструкции да бидеме предмет на препукување на политичките партии кои во недостаток на визија за реално справување со загадувањето на амбиенталниот воздух, најлесно им е да си најдат надворешен виновник, се додава во соопштението.