25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Повикани на разговор четворица вработени во МВР – Обвинителството соопшти првични детали за синоќешното приведување

По известување од страна на Министерството за внатрешни работи за сознанија во врска со протекување на материјал од посебни истражни мерки, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција презема дејствија во предистражна постапка за откривање сторители и обезбедување докази.

Во текот на вчерашниот ден беа повикани четири лица, вработени во Министерството за внатрешни работи, во својство на сведоци. Лицата уредно се одзваа на поканата и дадоа свои искази пред јавен обвинител од Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Имено, во текот на месец јануари оваа година во одредени медиуми е објавена снимка која е материјален доказ прибавен со примена на Посебни истражни мерки. Министерството за внатрешни работи во насока на утврдување на одговорните лица и расветлување на настанот го анализираше објавениот материјал, по што го извести обвинителството за понатамошно постапување.

Надлежниот обвинител ги повика лицата што во времето на спроведување на мерката во 2014 година биле одговорни за истата, ги сослуша и им ги одзеде мобилните телефони. Донесена е Наредба за вештачење на четирите одземени телефони, а воедно во наредниот период ќе бидат повикани и други лица во насока на расветлување како е дојдено снимката да биде објавена во медиуми.

Посебните истражни мерки спаѓаа во класифицирани информации со законски одреден степен на класификација „Строго доверливо“ и секое нивно објавување претставува кривично дело „Оддавање на службена тајна“ предвидено и казниво по член 360 од Кривичниот законик.