Напредокот на Република Северна Македонија и последните чекори кои земјата ги презема за полноправно членство во НАТО Алијансата, како и нашиот пат кон Европската Унија, беа главните теми на разговор, на членот на Извршниот одбор на СДСМ и градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев, со потпретседателката на Националниот демократски институт (NDI), Шери Брајан и со други претставници од оваа невладина организација.
Средбата се реализира во рамки на посетата на Богоев на СAД, во Вашингтон и неговото учество на Националниот молитвен појадок. На оваа средба, Богоев информираше и за последните случувања во нашата држава, функционирањето на техничката Влада задолжена за спроведување на предвремените парламентарни избори, како и за процесите кои се одвиваат во Собранието.
Денеска светот ја препознава нашата држава како позитивен пример, од каде што доаѓаат и позитивни вести. Од заробена држава прераснавме во земја која решава децениски спорови по мирен пат, а демократијата и вклученоста на јавноста во одлучувањето секојдневно се унапредуваат. Ова се вредности на земја која се движи по патот на европските интеграции и членството во НАТО.
Исто така, стана збор и за зголеменото учество на млади во политиката, како и за унапредување на работата на општинските совети кои се претставнички органи на граѓаните. Потпретседателката Брајан ја посочи можноста за поконкретна соработка со општините од нашата земја.
Оваа невладина организација, исто така соработува и со политичките партии во земјата, а реализираат и голем број на активности за улогата на младите и жената во нашето општество. Значен е придонесот на NDI и во работата на законодавниот дом. Па, така тие соработуваат со сите пратенички групи во Собранието и им помагаат во креирање на законски решенија кои навистина ги одразуваат потребите на граѓаните.
Имајќи предвид дека NDI е голем поддржувач на нашата земја и тоа директно го покажува преку работа со нашите институции, граѓански организации и други општествени чинители, Богоев се заблагодари за нивниот придонес и ангажман.
Факт е дека Северна Македонија и САД се во цврсто стратешко партнерство, а поддршката која ја добиваат граѓаните од оваа светска сила е видлива во повеќе области од општественото живеење.