23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Вонреден инспекциски надзор за медицинскиот отпад во „Екоклуб“ во Битола

Министерството за животна средина и просторно планирање, дознавајќи од медиумите за одржаната прес-конференција на Инспекторатот на Градот Скопје каде беа изнесени нивни сознанија од извршен увид во работењето на компанијата „Екоклуб“ ДООЕЛ Битола, веднаш изврши увид во издадените дозволи за вршење третман на медицински отпад и воспостави контакт со Државниот инспекторат за животна средина за дополнителни информации во однос на спроведените надзори.

Од ДИЖС известија дека последниот надзор на терен над правното лице бил извршен на 12 декември 2019 година каде со записник било констатирано дека компанијата работи согласно законските прописи и издадените дозволи. По денешното сознание, на барање на Министерството, ДИЖС е во моментов на вонреден увид на локацијата повторно, а за наодите од истиот јавноста ќе биде благовремено информирана.

Како што беше соопштено минатата седмица на заедничката прес-конференција со Царинската управа, МЖСПП ги повикува сите институции, на централно и локално ниво, на директна соработка во име на навремена реакција и спречување на дополнителна деградација на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните во случаите кога има ризик за тоа. Единствено преку институционално, заедничко и координирано дејствување е возможна вистинска контрола и спречување на дејствија надвор од законот.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов објави видеа и фотографии, на кои, како што беше посочено на прес-конференцијата, се гледа неодговорното и несовесно постапување со медицинскиот отпад, каде што кучиња скитници јадат човечки остатоци и крв што истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.