Делегација на Секретаријатот за европски прашања, предводена од Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи се сретна со претставници на Мисијата на ОБСЕ во земјава, предводени од Амбасадорот Клеменс Која.
„Поддршката за земјава од страна на Мисијата на ОБСЕ има исклучително значајна улога кога се во прашање изборите, претставувајќи значаен авторитет со изграден огромен степен на доверба низ долгогодишното дејствување“- истакна Османи, посочувајќи на важност на претстојните предвремени парламентарни избори за процесот на европска интеграција на земјата. „Никој од нас нема дилема дека одржувањето на фер, демократски и компетитивни избори, покрај значењето за општиот демократскиот развој државава, претставуваат и клучен параметар по кој земјите – членки на ЕУ ќе ја оценуваат зрелоста на државата при нивната одлуката за почеток на преговорите за пристапување на пролетните самити.
Во истата насока, Османи реферираше пред претставниците на ОБСЕ и Амбасадорот Која, за остварените посети на државните институции надлежни за спроведување на изборите. „Остварив продуктивни средби ви Државната изборна Комисија, Антикорупциската комисија, Агенцијата за медиуми и Државниот завод за ревизија; без исклучок, секаде наидов на позитивна и оптимистичка атмосфера, висок степен на професионална подготвеност, а добив уверување од сите челници на овие институции дека се во целост подготвени да одговорат на законските надлежности при спроведувањето на изборите“, истакна Османи.
Соговорниците во текот на средбата разговараа и за начините и активностите кои би довеле за подобрување на организацијата на изборите, а во насока на целосна примена на забелешките и препораките во редовните извештаи на ОБСЕ/ОДИХР.
Денешната средба е дел од серијата на институционални посети на институции и организации кои се задолжени за спроведување и мониторирање на изборите, во насока на остварување на обврската за фер, слободни и компетитивни избори како дел од европската агенда на државата.