Скопското основното јавно обвинителство до судот достави предлог за определување мерки на претпазливост за вработен во трговскиот центар „Сити мол“ кој испратил лажна дојава за поставена бомба во објектот.
Осомничениот 19-годишник бил вработен во трговскиот центар преку агенција задолжена за обезбедување на објектот.
Од својот мобилен телефон тој на 29 јануари пристапил на интернет-страницата www.globefone.com и на неговиот претпоставен му испратил текстуална порака со содржина: „Напуштете го молот веднаш, има бомба“.
Претпоставениот веднаш пријавил во полиција, по што била организирана и извршена евакуација на посетителите и вработените во трговскиот центар, а по претресот на објектот не била пронајдена експлозивна направа.
„Против осомничениот е поведена постапка поради сомнение дека пријавил оти е извршено кривично дело предизвикување општа опасност, иако знаел дека такво дело не е сторено“, информираат од Oбвинителството.
Јавниот обвинител побарал на лицето да му бидат определени четири мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува кај надлежен државен орган, привремено одземање на пасош, како и забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело./Makfax