7. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Усвоен најновиот квартален извештај на Народната банка

Советот на Народната банка денеска одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот квартален извештај. Во Извештајот е одбележано дека монетарната поставеност е соодветна на постојните и проектираните економски и финансиски услови, при здрави економски основи и без присуство на нерамнотежи во економијата.

„Макроекономските показатели не отстапуваат значително од проектираната патека. Економската активност растеше и во третиот квартал од минатата година, а расположливите податоци за четвртиот квартал засега се во согласност со очекувањата за поумерен економски раст во последниот квартал. Годишниот раст на домашните цени во четвртиот квартал на 2019 година забави и беше под очекувањата од октомвриските проекции. За целата 2019 година, годишната стапка на инфлација изнесува 0,8% и не отстапува значително од октомвриската проекција од 1%“ стои во извештајот.

Како што е наведено во извештајот, последните расположливи податоци за билансот на плаќања не упатуваат на поголеми отстапувања кај тековните трансакции и тековите во финансиската сметка, во однос на проекциите. Податоците за четвртото тримесечје покажуваат натамошен раст на девизните резерви, којшто ги надмина очекувањата. Според сите показатели за адекватноста, резервите и натаму се во сигурната зона.

Во рамки на дискусијата на седницата беше нагласено дека продолжува растот на кредитната активност и на депозитната база на банките, што упатува на стабилни очекувања и зголемена доверба. Поконкретно, кредитниот раст, минатата година достигна 6%, додека растот на вкупните депозити изнесува 9,0%. Во извештајот е истакнато дека во следниот период се очекува дека депозитната база на банките и натаму ќе се зголемува, обезбедувајќи стабилни извори за финансирање на кредитниот раст.

Како што беше нагласено при разгледувањето на извештајот, ризиците од надворешното и домашното окружување и понатаму постојат, без позначајни промени во однос на октомвриските проекции. Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.

На седницата, Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.

Можеби ќе ве интересира

Свадба во затворот во Струмица (ФОТО)

ДЕСК

Спасен параглајдеристот кој висеше закачен на дрво високо над 30 метри

ДЕСК

Спасувачка акција на повреден параглајдерист закачен на дрво високо над 30 метри

ДЕСК