Реакција на прес-конференцијата на техничката министерка за труд и социјална политика:
-Министерството за труд и социјална политика е институција којашто овозможува функционирање на сериозни ресори. Во досегашниот две и пол годишен период, никогаш не било доведено во прашање неговото функционирање. Уште еднаш сакаме да ја потсетиме техничката министерка Рашела Мизрахи дека целта на изборот на техничкиот министер и на дополнителниот заменик на министер е организација на изборите за пратеници во Собранието а не доведување на јавноста во заблуда, ширење клима на страв и исчекување и оневозможување на редовно функционирање на администрацијата.
Законот за Влада е јасен – дополнителниот заменик на министерот заедно и рамноправно со министерот учествува во остварувањето на надлежностите на министерството, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.
Ние бараме од техничката министерка да работи согласно законот и да го почитува она што самата го потпишала. Наша обврска е да овозможиме непречено и законитo функционирање на МТСП, со цел граѓаните навремено да ги остварат своите права и навремено да добијат квалитетни социјални услуги, се вели во реакцијата на Санела Шкријељ, дополнителен министер за труд и социјална политика.