25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Спасовски на средба со Црногорската заедница: Не постојат големи и мали заедници, сите се дел од концептот „Еднакво општество за сите“

Претседателот на Владата, Оливер Спасовски ги посети претставниците на Црногорската заедница во земјава, каде беше пречекан од претседателот на Заедницата, Борис Попивода. На средбата покрај останатите претставници на Црногорската заедница, присуствуваше и амбасадорката на Република Црна Гора во нашата земја, Марија Петровиќ.

„Денеска сме тука да покажеме дека секоја заедница во нашата држава е од особена и подеднаква важност. Не постојат големи и мали заедници, како што не постојат големи и мали градови. Секој е важен. Црногорската заедница во Северна Македонија е особено ценета и ја има целосната поддршка од Владата. Ние сме пријателски народи и нашите држави немаат отворени прашања“, рече премиерот Спасовски.

Премиерот Спасовски истакна дека оваа посета и средба е дел од концептот на Владата, со кој се покажува дека сите заедници се важни во градењето на општество со еднакви права за сите граѓани и се покажува дека европски вредности за почитување, солидарност и неправењето разлика меѓу луѓето од различни етнички заедници се имплементираат и е остварен концепт за живеење на сите граѓани.

На средбата од претседателот на Црногорската заедница Попивода и присутните членови беше поздравен придонесот на Владата кон создавање на услови за учество на Заедницата во граѓанскиот концепт на државата и исполнување на нивните цели за напредок, како и негувањето на црногорските културни и духовни вредности, негувањето и развојот на црногорскиот јазик, книжевноста и фолклорните традиции.

На средбата соговорниците искажаа очекувања за целосна интеграција на двете држави во Европската Унија, преку блиска и доследна соработка со меѓународните партнери и беше истакната поддршката за членството на Северна Македонија во НАТО и потенцирана обединетоста на двете држави, Северна Македонија и Црна Гора во напорите за создавање стабилен регион и остварување на заеднички перспективи.