23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Вонредни мерки поради загадувањето: Во Скопје паркирањето двојно поскапо, градските автобуси ќе возат бесплатно

Од 18 часот денеска превозот во Скопје во автобусите на ЈСП и на приватните превозници ќе биде бесплатен за сите граѓани, а паркирањето на паркинзите со кои управува ЈП Градски паркинг ќе поскапи двојно. Мерките ќе важат сè до надминување на сегашната ситуација со голема загаденост на воздухот, информираше Град Скопје.

Градската управа ги воведе овие и други мерки откако Владата попладнево објави вонредни мерки во Скопје и Тетово поради загаденоста на воздухот.

Покрај двете погоренаведени мерки, заедно во нив, во 18 часот на сила ќе стапат и други мерки. Град Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилишта под своја надлежност, а скопскиот градоначалник ги повика Петре Шилегов сите градоначалници од општините во град Скопје, да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.

ЈП „Комунална хигиена“ ќе треба интензивно да ги чисти на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје, а Шилегов им препорача на градоначалниците од скопските општини истото да се прави и на улиците што се во општинска надлежност.

Исто така, интензивно ќе се контролира дали возилата што излегуваат од градилиштата имаат измиени тркала и дали се покриени со церади.

Град Скопје веќе врши зајакната контрола на возилата што доставуваат стоки, преку Инспекторатот на Град Скопје, а исто така го повика МВР да спроведува засилени контроли на овие возила што доставуваат стоки.

Вонредната состојба предвидува и други препораки. Упатен е апел до вработените во Град Скопје, јавните претпријатија и институции, на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз. Шилегов ги повика градоначалниците на скопските општини да ги интензивираат инспекциските надзори над фирмите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла. Упатен е повик до МВР да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9.30 до 14.30 и по 18,00 часот.

Од МВР е побарано и да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата.

Инаку, вонредната состојба во Скопје и Тетово ја прогласи Владата попладнево, откако беше надминат прагот за алармирање за честичките РМ10 во воздухот, односно во два последователни дена е надмината вредноста од 175 mg/m3.

Владата препорачува сите работодовци да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Од работодавачите се бара да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот, а упатена е препорака да не се организираат спортски натпревари и културни настани на отворено.

Со вонредните мерки, сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа, се обврзани да ја намалат употребата на службените возила до 50 отсто.

Државниот инспекторат за животна средина доби задолжение зачестено да ги контролира Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање е побарано да упати препорака до Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на производството до 50 отсто. Од оваа обврска ќе бидат исклучени електраните и топланите.