19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Наслови на српски портали „почнаа војна“ меѓу Македонија и Грција

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Црногорскиот сервис за борба против дезинформациите и за проверка на фактите, raskrinkavanje.me се зафатил со неколку објави во некои српски онлајн-медиуми во врска со надгледувањето на македонското небо од страна на Грција. Всушност, проблемот со ваквите содржини е во заведувачките наслови, кои упатуваат на сосема други заклучоци, а не на она што всушност го има во текстовите.

Текстот првично објавен на порталот Alo.rs кон крајот на минатата година, потоа бил целосно преземен од неколку медиуми кои објавуваат на српски или на бошњачки јазик. Тој е објавен и преобјавен е со наслов „ГРЦИТЕ ГО ЗАВЗЕМААТ ВОЗДУШНИОТ ПРОСТОР НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА: Полетаа грчките ловци, министерството за одбрана веднаш реагираше“.

Текстот се однесува на прелетите на грчки авиони-ловци во рамките на договорот за Air Policing, односно надгледување и заштита на воздушниот простор на Северна Македонија, кога ќе стане членка на НАТО.

Иако во текстот целта на прелетите е добро објаснета, сепак во насловот се изнесува дезинформација, односно читателите со таквиот наслов се доведуваат во заблуда дека над Македонија се одвива судир меѓу нашата земја и Грција, што барал и одбранбена реакција од македонското министерство за одбрана, пишува raskrinkavanje.me.

извор: Мета.мк

Спонзорирано: