1. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Спасовски во МАНУ: Oбврска е да се бориме против антисемитизмот и негирањето на холокаустот

Во Македонската академија на науките и уметностите се одржа комеморативната академија за холокаустот на која присуствуваше премиерот Оливер Спасовски заедно со владина делегација.

Премиерот во своето обраќање истакна дека холокаустот е најголемото злосторство во современата историја на човештвото.

„Во логорите на смртта, за време на Втората светска војна, беа погубени над 6 милиони Евреи“, истакна тој и потсети на 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип кои во март и април 1943 година биле депортирани и убиени во логорот на смртта Треблинка.

Спасовски нагласи дека Владата е во тесна соработка со еврејската заедница во земјава и Меморијалниот центар на холокаустот на македонските Евреи, односно посветено работи на сите полиња кои се однесуваат на холокаустот.

„Образованието е темел за негување на колективната историска меморија за злото и за трајно сеќавање и почит кон жртвите“, посочи премиерот и дополни дека нашата обврска е со сите сили да се бориме против антисемитизмот и сите останати форми на кршење на човековите права.

Спасовски нагласи дека резултатите што Република Северна Македонија ги остварува на планот на сеќавањето, едукацијата и истражувањето на холокаустот неодамна биле соодветно вреднати и во меѓународни рамки.

„Бевме помеѓу првите земји кои ја усвоија работната дефиниција на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот – ИХРА за антисемитизмот, а во план е и усвојување на работната дефиниција за негирање и за искривено толкување на холокаустот, како и превод на македонски и албански јазик на најновите препораки на ИХРА за предавањето и учењето за холокаустот“, посочи премиерот.

Во година кога се одбележуваат три значајни датуми – 75 години од ослободувањето на логорот Аушвиц, 20 години од усвојувањето на Декларацијата од Стокхолмскиот форум и 15 години од усвојувањето на резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации со која 27 јануари е утврден како Меѓународен ден на сеќавањето на жртвите на холокаустот, премиерот Спасовски потврди дека трајна определба е никогаш да не се заборават жртвите и преку образованието на младите генерации да се пренесува и зачува споменот за нив.

На комеморативната aкадемија покрај Спасовски во владината делегација присуствуваа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ.

Можеби ќе ве интересира

Синоптичарите со нови предупредувања, се очекува НЕВРЕМЕ во поголем дел од Македонија со пороен дожд, грмежи, а некаде и град – Метеоцентар со детална прогноза за следните 4 дена

ДЕСК

Метеж на границите: на Табановце и Богородица се чека по 45 и 30 минути

C +

Арсовска до Ганиу: Сакаше да ги видиш сите 150 небезбедни згради, нема проблем, ќе ги видиш и ти и цела Македонија

C +