27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

​Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, учествуваше на „85-та Зелена недела“ во Берлин

​Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, беше поканет и учествуваше на отворањето на 85тата Зелена недела која се одржува од 17 до 26 јануари 2020 година во Берлин, под покровителство на Европската комисија – Директорат за здравје и безбедност на храна (DG SANTE).

Тема на меѓународна конференција од високо ниво е “Иднината на глобалното производство на свинско месо под закана од Африканската чума кај свињите”.

Прогресивното ширење на Африканската чума кај свињите (АЧС) ширум светот наметнува преземање глобални активности, па дури и поефикасна соработка и комуникација помеѓу сите релевантни чинители во областа на ветеринарната политика и безбедноста на храната.

Иднината на глобалното производство на свинско месо, а со тоа и безбедноста на храната е под закана од ова заболување.

Целта на овој настан е да се поттикнат координирани глобални активности за намалување на влијанието на АЧС врз производството на свинско месо и меѓународната трговија. Конференцијата ја отвори Стела Киријакидес, комесар за здравство и безбедност на храната и Јулија Кликнер, федерална министерка за храна и земјоделство на Германија. Свое обраќање имаа и Моник Елоит, директорка на Светската организација за здравствена заштита на животните и Марија Вучкович, министерка за агрикултура на Хрватска.

Покрај министрите на земјите членки на Европската унија и на третите земји, на конференцијата присуствуваа и релевантните меѓународни организации.

Главен фокус на панел дискусијата беше меѓународната соработка и размена на информации во борвата против АЧС со цел подобро справување со болеста.

Агенцијата за храна и ветеринарство предводена од Зоран Атанасов продолжува посветено да ги следи европските трендови на работа и интензивно ги спроведува европските стандарди.