Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, ги презентира капиталните проекти што ќе се реализираат во Министерството за транспорт и врски оваа година. Еден од најзначајните проекти што ќе се работи оваа година, како што рече тој, е проектот за поврзување локални патишта.
„Проектот предвидува инвестиции во рехабилитација на локални патишта и улици во 80 општини во државата, вклучувајќи ги и општините во градот Скопје, што подразбира дека Министерството за транспорт и врски, односно Владата, директно ќе им помага на општините во подобрување на локалната патна мрежа преку рехабилитација на улици и патишта во сите општини. Вкупната вредност на овој проект изнесува 70 милиони евра, средства обезбедени од Светската банка, за што Собранието го изгласа Законот за задолжувањето, а Министерството за финансии веќе го потпиша договорот со Светската банка и средствата ни се дадени на располагање. Секоја општина според утврдена методологија одобрена од Светската банка на располагање има одредена висина на средства и секоја општина ќе добие од 500 илјади евра до 2 милиона евра“, нагласи Сугарески.
Во делот на гасификацијата рече дека во втората половина од оваа година преку Националните енергетски ресурси ќе се распишат јавни повици за изградба на магистралниот гасовод Велес – Свети Николе и магистралниот гасовод Гостивар – Кичево.
„Веќе се преговара со ЕБОР за финансирање на проектот и очекуваме да има позитивен одговор од нивна страна. Тоа што е многу важно, оваа година ќе заврши изградбата на делниците од Неготино преку Прилеп до Битола и делницата Скопје – Тетово – Гостивар.
Во делот на станбената политика оваа година ќе почнеме со изградба на социјална станбена зграда со 312 стана во општина Бутел. Договор со изведувач веќе имаме и во моментот се расчистува локацијата од постојни објекти. Понатаму, во соработка со АД за стопанисување со станбен и деловен простор се подготвуваме за изградба на социјални згради во Гевгелија, Пехчево, Виница, Свети Николе, Дебар, Сарај, Велес и Демир Капија или вкупно 320 социјални стана. Оваа година очекуваме да заврши изградбата на двете социјални станбени згради во Пробиштип и Неготино. Новиот правилник за распределба е веќе готов и со изградбата на становите веднаш ќе бидат распределени.
Многу важен проект на кој ќе посветиме посебно вниманите е изградбата на железницата кон Република Бугарија. Оваа година очекувам многу силно темпо за изградба и до крајот на годината, конечно, да го завршме делот од Куманово до Бељаковце. Исто така, знаете дека во овој момент тече тендерската постапка за изградба на втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка. 15 компании се влезени во тендерската постапка и заедно со ЕБОР се работи на евалуација на понудите. До крајот на годината очекуваме да се избере изведувач и да почнеме со работа на терен.
Она што сакам да информирам е дека преку Фондот за финансирање проекти за Западен Балкан одобрени ни се 2,7 милиона евра за изградба на заедничка желеничка станица на Табановце со Република Србија.
Ќе се работи во Велес, Крушево, Карбинци, Јегуновце, Охрид, Куманово, Свети Николе, Чашка, Демир Хисар, Сарај, Старо Нагоричене и во други општини. Тука сакам да спомнам дека за десетина дена почнуваме со изградба на канализацијата во Визбегово и ќе потенцирам дека тоа беше едно од најгласните барања на стопанствениците што работат во индустриската зона. Исто така, ќе се работи и на изградба на канализација во Арачиново и во Волково.
И на крајот, не помалку важно е финансиската поддршка за нови авиолинии. Континуирано ќе го промовираме охридскиот аеродром, очекуваме нови линии оваа година, така што интензивно ќе се работи на унапредување на авиосообраќајот во земјата. Независно од изброниот процес, годинава планираме уште посилен интензитет на градежни активности насекаде во државата, што очекуваме да доведат до повисок раст на градежништвото и економијата во целина“, истакна министерот Сугарески.