Низа реакции се појавија по натписите на опозициските медиуми дека наводно Бојан Јовановски – Боки 13 сведочел пред обвинителката Вилма Русковска и вмешал лица блиски до лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Дополнително се реагираше и на колумната на Бранко Героски, кој повторнно без да прецизира имиња, шпекулираше дека во целиот случај „Рекет“ наводно имало вмешано и новинар, но и советник и блиска соработничка на Заев, колумна која денеска ги наполни опозициските портали.
Русковска вчера во изјава за Стандард ги демантираше натписите, тврдејќи дека Јовановски ниту еднаш не го спомнал лицето В.З. во своите искази.
„Не е точно дека го споменал В.З., тоа го тврдам”, истакна за Стандард шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Дека Јовановски барал да биде заштитен сведок пак, како што шпекулираат дел од медиумите, негираше и неговиот адвокат, Сашо Дуковски.
„На 20 и 23 декември цели 15 часа даваше искази и во ниту еден момент не побара, ниту му било понудено да биде било што од тоа шео беше- осомничен. Единствено кажа дека трпи притисоци од НН лица. За вистинитоста на ова сведочат двата записника, јас на наведените датуми бев цело време присутен и такво нешто не се случило“, изјави Дуковски за ТВ24.
Сепак, најголемиот дел од јавноста се крена откако Героски во колумната напиша дека наводно новинар, советник и блиска соработничка на Заев биле вмешани во „Рекет“.
„Инаку, да знаете една работа што можеби не сте ја знаеле. Со должна почит кон „медиумскиот гениј“ Бојан Јовановски, главната конфигурација на 1ТВ ја состави и јадрото на „Ѕвездениот тим“ го избра токму тој советник на Заев, веројатно во консултација со луѓе од опкружувањето на премиерот. Истиот човек ја подготви и „евакуацијата“ на истиот тим по пропаста на 1ТВ и го дизајнираше и новиот телевизиски проект, во медиум во кој советникот на Заев има и сериозно влијание, но и многу близок пријател во сопственичката структура“ пишува Героски.
Прв со реакција се јави поранешниот уредник на згаснатата 1ТВ, Ацо Кабранов. Тој реагираше дека во тоа што го пишал Героски нема никаква вистина.
„Епа колега Героски, ова нема ама баш никаква врска со вистината. Создавањето на тимот одеше вака – Меѓу првите бев поканет јас на предлог на еден колега за да бидам дел од интернет телевизија. Отидов на разговор, таму беше еден друг колега познат и одличен новинар и колумнист кој се заблагодари бидејќи е од пишан медиум и не е според него за ТВ. Јас прифатив и ги предложив и Гордана Дувњак и колегата Кристијан Стојчевски. Таму веќе беа Санта Аргирова, роднина на Боки и Анета Кочишки. Се преселивме во просториите на Томато. Идејата за интернет ТВ беше сеуште актуелна се додека подготвувајќи ги документите не дојдовме на идеја да пробаме од АВМУ да побараме сателитска концесија. Така и беше, во меѓувреме сите ние предлагавме по некој од колегите да им понудиме да дојдат, некој прифатија, некој не се пронајдоа во проектот. Борјан Јовановски го предложив јас, некој од колегите го предложи Ордановски, дојде и Чомовски и така се создаваше тимот. Затоа друже Геро не завлегувајќи во се друго што пишуваш и истражуваш за овој случај ова со како што не нарекуваш „Ѕвездениот тим“ искрено е многу многу ниско и неколегијално од тебе“, реагираше Кабранов на Фејсбук.
Со реакција се јави и новинарот Сашо Орданоски, кој го замоли Героски јавно да соопшти дали зад псевдонимот „познат новинар“ се крие неговото име.
„Геро извини, за да нема непотребни недоразбирања, го прочитав написот и би те замолил јавно да соопштиш дали сум јас, Сашо Орданоски, тој „познат новинар“ итн, за кого пишубаш? Поздрав, Сашо“, пишува Орданоски.
Шпекулациите кои Героски ги изнесува без конкретно наведени имиња во колумната ги кренаа и политичките партии. Од ВМРО-ДПМНЕ пак, ги дополнуваат „објаснувањата“ кои речиси и да ги нема во колумната со квалификации на споменатите личности.
„Точно ли е дека „професорот“ вклучен во рекетарската мрежа е доскорешен кандидат за претседател на државата, долгогодишен професор на Правниот факултет „Јустинијан Прима“ во Скопје, лустриран за соработка со службите, а „советникот од странство“ е еден балкански мешетар, со искуство во енергетиката, кој што Зоран Заев го довлечка од Белград во македонската влада, а за кого што балканските политичари го предупредуваа Заев. Точно ли е дека „новинарот“ вклучен во рекетарската мрежа, а за кој што пишува Героски, е самопрогласен бард на македонското новинарство на браникот на рекетарската 1ТВ, единствен поранешен директор на Јавниот сервис со средно образование, единствен новинар со безбедносен сертификат, издаден за да има увид во досиејата на потенцијалните рекетирани? Точно ли е дека „соработничката“, „носител на акцијата“ во рекетарската мрежа, блиска соработничка на Заев од врвот на СДСМ, е истата заради која што се измисли позиција заменик – претседател на партијата СДСМ, и има подарени чевли од Боки13? Точно ли е дека човекот „од најголема доверба“ вклучен во рекетарската мрежа, за кого што Героски пишува дека „без него не може да се стокми ниту еден бизнис во земјата“, „без аванс од извесна сума евра“, е истиот човек за кого што Заев вели дека седнува со министри, како министерот за здравство, за да „помага на луѓе“, рече на прес конференција партискиот портпарол, Наум Стоилковски.
Од владејачката СДСМ пак, велат дека постои одговоност за клевета, но и дека лагите кои се шират од одредени медиуми и новинари нема да го спасат Мицкоски од пораз.
„Перфидни и тешки лаги се пласираат во јавноста од белиот дворец, преку гласноговрниците на ВМРО-ДПМНЕ, но и преку спрегата со одредени новинари и медиуми. Извесниот пораз на изборите за Христијан Мицкоски ја покажува целата паника што владее кај сите поддржувачи на режимската ВМРО-ДПМНЕ. Преку медиумите под нивна контрола и преку најголемите извори на лажни вести како на лента се штанцаат невистини, буквално секој ден. Тешки, перфидни лаги и клевети се тврдењата дека претседателот Зоран Заев или било кој од неговото семејство или некој од неговите соработници биле вмешани во случајот во јавноста познат како Рекет. Сосема спротивно, токму претседателот Заев прв го има пријавено случајот и токму тој постојано бара тој случај до крај да биде расветлен. Дури и обинителката којашто го води случајот и надлежното обвинителство ги демантираа невиситните кои ВМРО-ДПМНЕ прво си ги пласира преку своите извори на лажни вести, преку блиските медиуми па потоа ги изнесува на прес конференции од белиот дворец, како оваа денешната на Наум Стоилковски. Изнесените невстини, нервозното штанцање лаги и свесното клеветење нема да го ублажат поразот на Мицкоски и ВМРО-ДПННЕ на 12 април. Напоменуваме, медиумите под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, како и сите останати кои објавуваат и споделуваат ноторни лаги треба да бидат свесни дека во секоја демократска, правна држава каква што е и Република Северна Македонија се одговара за секоја лага и клевета која е свесно изречена“, реагираат од СДСМ.
А.Т. извор Локално.мк