Министерството за здравство, покажа дека има слух за подобрување на состојбата и условите за работа на медицинскиот кадар во Република Северна Македонија. Континуирано вложува во човечкиот капитал а последен пример за тоа е случајот со приватните специјализанти.
Во 2018 година за првпат ги плати приватните специјализанти за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар. Дотогаш, тие воопшто не беа платени.
Оттогаш Министерството за здравство продолжи со редовно инвестирање во приватните специјализанти, со цел тие да бидат мотивирани и задоволни во својата работа. Во последнава година Министерството најмногу досега излегуваше пресрет и ги исполнуваше барањата на приватните специјализанти. Нивните барања беа големи со оглед на тоа што претходно никогаш и ништо не било направено за подобрување на нивниот статус.
По средбата реализирана меѓу Министерството и претставници на приватните специјализанти – доктори на медицина од конкурсот 2019 е договорено и донесена е одлука, тие да бидат платени за својата работа од февруари 2020 година.
Се што е ветено е исполнето и уште ќе биде исполнувано. А на ова официјално и јавно дадено ветување од страна на министер, приватните специјализанти бараат уште. Крајно зачудувачки доаѓа тоа што покрај јавно дадената изјава од министерот тие бараат уште и писмен договор дека планирани се средства за целата година.
Постигнат е договор што е одговор на нивните барања и е во нивна полза, а нивниот одговор на тоа е протест. Се поставува прашањето зошто е инициран протестот и кој стои зад него со оглед на тоа што е решено се според нивните барања.
Исто така, постигнат е договор и со кофинансираните специјализанти, со што ќе има измена на Законот за здравствена заштита, согласно нивните барања. Приватните специјализанти стануваат суштински елемент во создавањето на функционален и одржлив здравствен систем, а тоа се гледа од и овој пат дадената поддршка.
Започна во 2018 а во 2019 година направено е најголемо, како никогаш досега вложување во вработувања на млади лекари, зголемувања на плати и подобрување на условите за работа. Министерството вели дека со истото темпо на вложување во човечкиот капитал во здравствениот сектор ќе продолжи и во 2020 година.