24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ДУИ: Алармантна е состојбата во третата власт, судиите и обвинителите мора да ги почитуваат законите

Алармантна е состојбата во судството и време е да ги адресираме проблемите, како селективната правда и законската предвидливост, констатираа делегатите од четвртиот изборен конгрес на ДУИ, кој се одржа викендов.

Конгресот на партијата утврди постоење селективна правда во земјата, инспирирана, како што беше нагласно, од политиката, применета од обвинители и спроведена од судии со предрасуди од претходни системи, со застарени убедувања и коруптивни склоности.

„Законот треба да е фер и праведен за секој граѓанин. Авторитетот и влијанието на законот во едно општество зависи од правилниот и неселективен пристап на спроведувачот бидејќи слободата во демократско општество подразбира почитување на законите, кои важат за секој граѓанин и кои треба да бидат на линија со индивидуалните неприкосновени права, а не ограничени и лимитирани слободи. Владеењето на законите подразбира поклонување пред законот, дури и на законодавецот, како и на оние што го спроведуваат законот, вклучувајќи ги и судиите и јавните обвинители и претставува апсолутен предуслов за рамноправност, но и за економски развој и други еднакви услови за напредување на бизнисот“, се наведува во резолуцијата на ДУИ.

Од таму, конгресот на партијата го поддржа предлогот за ветинг, што подразбира двојна проверка на секој член на ДУИ и на секоја друга партија, кој е носител на јавна функција, секој политичар, обвинител и судија во земјата.

„Првата проверка обезбедува интегритет и максимална транспарентност на секој кандидат и актуелен вршител на јавна должност преку собирање, анализа и објавување на сите информации и податоци за секој кандидат и актуелен носител на јавна функција на начин што граѓаните ќе може да ги оценат интегритетот и достоинството на носителот или кандидатот намалувајќи ја можноста за корупција, криминал и злоупотреба на службена должност“, објаснуваат од ДУИ.

Од партијата посочуваат дека ветингот се спроведува во втората проверка и подразбира преземање институционални мерки по утврдување неправилности, несовпаѓање на приходите и имотот, како и нерегуларности во текот на првата проверка на кандидатите и носителите на јавни функции.