20.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Католиците денес го слават Божиќ, државниот врв со честитки за празникот

Верниците со католичка вероисповест и оние кои се водат по Грегоријанскиот календар денеска го слават големиот христијански празник Божиќ.

По тој повод државниот врв и политичките партии упатија честитки до сите католички верници во Македонија, со желби за среќа, здравје и успешна година.

Претседателот Стево Пендаровски, им посака на верниците денот на Христовото раѓање да донесе среќа, здравје, радост и да ја засили нашата верба и надеж во подобро утре.

„Токму во деновите на празникот кој се минува со најблиските и кога нашите домови и срца се исполнети со светлина и топлина, да шириме љубов и хармонија во нашите семејства, но и да се грижиме и да им подадеме рака на сите на кои им е потребна материјална и духовна поткрепа“, вели Пендаровски во честитката.

Претседателот на Владата Зоран Заев, во писмо до бискупот Киро Стојанов и верниците од католичката вероисповед напиша дека секоја година Христовото раѓање е нова надеж за подобро утре за секој човек, во секое семејство.

„Ова се денови кога сите ние сме повикани да учествуваме да изградиме похуман и праведен свет, со уверување дека во мир и спокојство имаме можност за попросперитетна иднина за сите“, пишува во честитката претседателот на Владата и додава дека оваа година ќе ја запаметиме и по посетата на Светиот Отец Папа Франциск на нашата земја.

„Светата литургијата со која Папата Франциск ги благослови католичките верници и сите граѓани со добра волја, е израз на почит за заедништвото меѓу народите на нашата земја кое го негуваме. Неговата посета беше силен поттик и поддршка за сите нас. Христос се роди. Среќен Божик за сите!“, се вели во честитката на премиерот Заев.

Честитка стигна и од претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој порача љубовта, споделувањето, милосрдието и меѓусебната почит, да донесат добро здравје, напредок, внатрешен мир и да бидат причина за многу радости.

„Пред сè, посакувам овие вредности да бидат водилка во градењето на нашата заедничка иднина, со добри и позитивни мисли. Почитувани граѓани, дозволете уште еднаш да Ви го честитам празникот и да Ви посакам празничните денови да ги поминете опкружени со вашите најблиски, во топлината на вашите домови исполнети со духот на празникот“, порача во честитката претседателот на Собранието.

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, на оние кои празнуваат им посака спокој, љубов, здравје и среќа. На овој ден, вели Мицкоски во честитката, нека не обедини Христово учење за хуманост, меѓусебна почит и пожртвуваност, нека не обединат традиционалните вредности кон кои се стремиме како општество.

„Нашата заедничка татковина Република Македонија ги живее можеби најтешките моменти во својата историја како независна држава, но надежта не смее да згасне во нашите срца. Дојде време кога треба да размислуваме што ние како поединци можеме да направиме за татковината, за да се оствари нашиот заеднички стремеж за просперитетна и успешна Република Македонија во која не само ние туку и нашите, деца внуци, правнуци ќе ги поминат своите животи. Ни престојува година во која граѓаните на Република Македонија треба да донесат сериозна одлука за тоа во каква држава сакаат да живеат, во оваа година ѕвезда водилка нека е основното христијанско учење, потрагата по праведноста и вистината. Ние веруваме во принципи, правда, промени, и со силна верба за успех и нова шанса за Македонија“, се наведува во честитката на Мицкоски.

Божик денеска слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија Грегоријанскиот календар.

Спонзорирано: