Министерот за економија, Крешник Бектеши, се обрати на јавната дебата „Парафискалните давачки – каков товар претставуваат врз бизнис-секторот?“, каде што беше промовирана и „Експлоративна анализа на парафискалните давачки за малите и средните претпријатија во Република Северна Македонија“. Анализата е изработена од страна на Finance think по нарачка на Министерството за економија.
Министерот потенцира дека потребата за изработка на оваа анализа произлезе од предлог-мерките од акцискиот план за реализација на Стратегијата за формализација на неформалната економија 2018-2022 година, за чија изработка беше задолжено Министерство за економија.
„Една од основните цели на политиките на Владата на Северна Република Македонија е создавање поволно деловно опкружување, кое ќе овозможи раст и развој на претприемаштвото, како и раст на продуктивноста и конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија. Повикувајќи се на ваквите заложби на Владата, бизнис-секторот преку стопанските комори побара да се направи анализа на сите парафискални давачки на централно и локално ниво и да се разгледа можноста за намалување или укинување одредени парафискални давачки, кои претставуваат административен товар за микро, малите и средните претпријатија“, истакна министерот Бектеши и потенцира дека Министерството за економија постапило по барањата на бизнис-секторот.
Бектеши информира дека иако висината на даночното оптоварување во Северна Македонија е на ниско ниво од речиси 13 отсто и се намалува секоја година, сепак компаниите се жалат на парафискални давачки.
„Честопати има и поклопување на исти давачки и такси на централно и локално ниво. Дополнителен проблем е фактот дека кај некои од давачките и таксите немаат јасна цел за што би се користеле и што се финансира преку нив. Покрај висината и видовите јавни давачки, основа за постоење неформална економија може да биде и сложениот систем на пресметка и примена на давачките, како и нетранспарентност на процедурите за плаќање на давачките. Во такви случаи фирмите и граѓаните може и ненамерно да не платат некоја давачка бидејќи не се информирани или поради сложената процедура или да платат погрешен износ. Сложените процедури и пресметки на одредени даноци и давачки создаваат проблеми и за инспекциските служби при инспекциски надзори и примена на законите. Поради горенаведеното, Министерството за економија спроведе јавна набавка за изработка на анализа на парафискалните давачки за микро, малите и средните претпријатија“, истакна Бектеши.
Според министерот, податоци од анализата ќе значат дека и во иднина Министерството за економија ќе продолжи да соработува со бизнисот во насока на подобрување на бизнис-климата, што во крајна цел ќе значи не само поголем раст и развој на компаниите туку и на целата економија.