Министерот завнатрешни работи, Оливер Спасовски денеска присуствуваше на промоцијата на дипломирани и магистрирани студенти по безбедност, што се одржа на Факултетот за безбедност во Идризово. Спасовски изрази уверување дека новата генерација студенти и постдипломци ќе има богато знаење од областа на безбедноста, пренесено и стекнато во процесот на наобразба и практично применливо по форма и содржина, што ќе претставува цврст темел за понатамошна професионална надградба на дипломците и магистрантите во нивниот иден професионален ангажман.
„Дотолку повеќе што безбедноста, како наука и како професионална ориентација, е во иста мерка интересен и одговорен избор, со мноштво предизвици коишто произлегуваат од новите трендови на општествено живеење. Ниту едно општество не може да се надева на успешност без следење и практично имплементирање на нови, современи научно-истражувачки сознанија, без реална кооперативност меѓу теоретското и практичното знаење, што впрочем се потврдува низ секојдневјето на модерните и развиени општества. Особено што безбедноста претставува не само обемна, туку и прилично динамична сфера на работа“, рече Спасовски.
Тој додаде дека специфика на модерното време се и динамичните реформи што се започнати, вклучително и во сферата на безбедноста, при што на општеството му се потребни млади, амбициозни, способни и образовани луѓе, кои што ќе бидат подготвени да се фатат во костец со низата дилеми и предизвици што сеопфатните реформски процеси нужно ги отвораат.
Честитајќи им за покажаниот успех на дипломираните и магистрираните студенти по безбедност, Спасовски им порача: „Веројатно гледате на вашата диплома како на билет за добар живот. И сосема сте во право. Но, дозволете ми да ве замолам да размислувате и од еден поалтернативен агол – вашата диплома нека биде вашиот билет за да го промените светот!“