23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Царовска : Креиравме социјална реформа која целосно го менува начинот на кој се грижиме за ранливите граѓани

Креиравме социјална реформа која целосно го менува начинот на кој се грижиме за ранливите групи граѓани. Социјалната помош ја зголемивме за 300 проценти, а истовремено обезбедуваме помош и поддршка за вработување. Многу ми е драго што 6 месеци по спроведување на социјалната реформа веќе 370 од корисниците се вработени. Што значи дека овие наши сограѓани се на пат трајно да излезат од сиромаштија, да престанат да зависат од државата, да се грижат сами за себе, за своите семејства и активно да придонесуваат за општеството, рече Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика на денешната пред конференција.

-Во моментот вкупно 27.000 семејства добиваат гарантиран минимален приход, над 27.000 деца земаат детски додаток, а повеќе од 8 и пол илјади деца примаат образовен додаток. Со овие додатоци ги стимулираме децата преку образование да го прекинат ланецот на сиромаштија, со цел да овозможиме подобар, поквалитетен живот за идните генерации.

Важно е да се каже дека со социјалната пензија или државната пензија веќе опфативме над 4 илјади корисници. Се работи за возрасни лица кои не оствариле право на пензија и немаат друг извор за егзистенција. Ние не забораваме дека и тие го граделе ова општество и заслужуваат да имаат достоинствен живот. Исто така, згриживме 12 илјади стечајни работници. Сите тие добиваат над 8.000 денари месечно, се до нивното пензионирање.

Посветено работиме на зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование, за што забрзано се зголемуваат капацитетите во детската заштита. На овој начин преку инвестициите во градинките инвестираме во раниот детски развој, а со тоа и во иднината на нашата држава. Претходните две години изградивме вкупно 43 нови објекти за градинки. За идната година во Буџетот издвоивме 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години инвестиравме над 180 милиони денари и обезбедени се дополнителни 15 милиони евра од Светска банка за изградба на градинки. Со изградба на нови објекти се креираат дополнителни 7.500 места во установите за згрижување и воспитание на деца и со тоа се приближуваме до крајната цел – зголемување на опфатот на децата од 3-6 години на 50 отсто. Покрај инвестирањето во нови градинки, се инвестира и во човечките ресурси во градинките преку зголемување на платите и зајакнувањето на компетенциите на кадарот.

Ги зголемуваме и платите и пензиите, обезбедуваме поквалитетен живот за сите граѓани. За само две и пол години минималната плата ја зголемивме за 5.500 денари, а пензиите пораснаа за повеќе од 1.700 денари. Со пензиската реформа го стабилизираме пензискиот фонд и создадовме услови пензиите да го следат економскиот и растот на платите. Од следната година пензионерите ќе добијат за околу 900 денари повисока пензија, 700 денари според законското зголемување и 160-200 денари со усогласување со трошоците за живот, рече Царовска.