Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Заев: Нема да дозволам да се наруши дигнитетот на СЈО поради поединечна одговорност

Нема да дозволам нарушување на дигнитетот на институциите на системот, без разлика дали некој поединец го нарушил угледот на одредена институција, и од тука да се извлекуваат еднакви заклучоци за целта, капацитетите и сите обвинители, истакна премиерот Зоран Заев во одговор на пратеничко прашање во Собранието.

„Специјалното јавно обвинителство е орган создаден со консензуално гласање на парламентот. СЈО како институција е целосна служба и капацитет на оваа држава. Сето тоа што е јавно објавено како податоци за работењето на СЈО е објавено од оваа Влада, транспарентно, до крај, и тоа се убавината и вредностите што оваа нова власт ги донесе“, рече премиерот Заев додавајќи дека постојат органи што ќе потврдат дали некој работи законски, а друг незаконски.

Тој повтори дека не може да поминат обвинувањата и тезите дека не постоеле случаите за злоупотреба на парламентарните избори што ги отвори и што ги води СЈО, дополнително набројувајќи дека се очигледни индициите на незаконско рушење на „Космос“, за недоследностите при градењето на делницата од кинеските градители, за закани од позиција на моќ, за злоупотреба на службени овластувања.

„Таму каде што нема докази, секој е слободен граѓанин. Но, поради тоа што оваа Влада одлучила да ги објави сите податоци за финансиски трансакции од 2010 година до сега, да извлекувате заклучоци и да го деградирате СЈО како систем основан од сите во државата затоа што не функционирало државното Обвинителство, тоа не смееме да го дозволиме“, порача премиерот Заев нагласувајќи дека поединечна одговорност треба да постои и дека низ судска постапка онаму каде што ќе се утврдат незаконски постапувања, треба да се одговара.

Тој истакна дека парламентот има поголема надлежност во однос на правосудните реформи, ги носи законите во областа на правосудството, а судиите и обвинителите се тие што носат одлуки во судски постапки.

„Треба да биде јасно и гласно, овој период нема ни три отсто нови судии од вкупниот број судии. Нема ни три отсто нови обвинители од вкупниот број обвинители во државата. Неколку поединци ги рушат правната држава и правосудниот систем. Во моментот антикорупциска комисија проверува имот, пари, на семејства и на сите министри во Владата и на премиерот, и тоа е добро. Но, треба да ги провери и имотите на сите судии и обвинители, на адвокатите поврзани со нив“, оцени премиерот потенцирајќи дека политичарите се должни да ги обезбедат условите за обезбедување на вистинските реформи на правосудството.

„Од моментот од кога сум премиер стотици предмети се вратени од тоа другото време. Немојте под превезот на македонштината да зборувате за заштита на криминалот и неодговорноста. Македонштината се штити со одговорност, кој сака нека е. Ќе бидеме поголеми Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи – граѓани, составен дел на македонскиот народ во Република Северна Македонија ако навистина помогнеме правната држава да испорача правда, со докази јасно потврдени, и одговорност“, рече Заев и порача дека тој како премиер нема да дозволи ниеден поединец да го штити криминалот и дека надлежните органи треба да истражат и да одлучат каде има неправилности во однос на финансиите што биле распределени во СЈО.