Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, одржа прес-конференција за буџетот за 2020 година, при што рече дека фокусот на Министерството за следната година е дигиталната трансформација на административните процеси и услуги.
„На овој начин ги спојуваме двата најважни процеса за кои е надлежно МИОА. Тоа се реформата на јавната администрација и дигитализацијата“, порача министерот.
Манчавеки нагласи дека вкупниот буџет на МИОА за 2020 година изнесува 1.520.100.000 денари (над една милијарда и петстотини и дваесет милиони).
Како што рече, повеќето од овие пари, односно милијарда и двесте милиони денари, се одвојуваат за финансирање на МРТ, МРД и АВМУ.
„Ова е пракса веќе трета година по укинувањето на радиодифузната такса. На овој начин овие институции добиваат редовни и предвидливи средства со што имаат можност долгорочно да ја планираат својата работа и програма. Уредувачката политика на националната радио-телевизија е автономна и независна“, истакна министерот.
Нагласи и дека в година ќе продолжи реализацијата на три големи ИПА-проекти со финансиска поддршка од ЕУ.
Првиот е целосна реорганизација на поставеноста на институциите. Вториот е проект со кој ќе се дигитализираат клучните регистри за граѓаните и бизнисите, а теретиот е во врска со долгорочната ИКТ-стратегија, која треба да биде документ според кој ќе продолжи да се води дигитализацијата на земјата.