Премиерот, Зоран Заев, вчеравечер е обрати на почетокот на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, во организација на УНДП, како дел од одбележувањето на Меѓународниот ден за запирање на насилството на жената.
„Може да слушнеме безброј причини за сторено насилство, но ниту една причина не е доволна за да биде оправдано, кое било насилство. Ова се однесува и за насилството врз жените и девојчињата, што е наш фокус вечерва. Нема оправдување. Заедно сме во борбата против насилството врз жени и девојчиња. Тука сум, да ја потврдам цврстата определба на Владата на Република Северна Македонија, да се придружи под овогодинешното мото, во означувањето на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жената“, рече премиерот Заев.
Тој констатираше дека е добро што постојат заеднички реакции на институциите и домашните и меѓународните организации за овој постоечки проблем во светски рамки.
„Денеска ја започнуваме и кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ којашто ја покренува и свеста дека за насилството не треба и не смее да се молчи. Крикот се слуша и кога некој молчи. Секој од нас, од институциите, или поединечно, има обврска пред тој Крик, тивок или гласен – да не го одмине, да реагира. Со чувство на одговорност да развиваме култура која не прифаќа насилство“, порача премиерот.
На вчерашниот настан што се одржа во паркот „Жена борец“ присуствуваа и дипломати, претставници на интернационални организации и жени активистки, претставници од граѓански организации од земјава, медиуми.