23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Заев: Децентрализацијата не е само документ, туку инструмент за реална промена за подобар живот на граѓаните

Заложбата на Владата за зајакнување на локалните самоуправи и префрлањето на дополнителни надлежности од централно на локално ниво е од особена важност кога зборуваме за ефикасна и ефективна поддршка при обезбедување услуги и подобрување на квалитетот на живот на секој поединец на локално ниво, истакна премиерот Зоран Заев на конференцијата за децентрализација, која денеска се одржа во Скопје.

„Ние како Влада се заложивме за брзо и ефикасно усвојување и имплементирање на 17-те глобални стратешки цели кои опфаќаат различни аспекти од социјалниот и економскиот сфера, како и животната средина. При тоа, поддршката и стратешкото партнерство со нашите пријатели од ЕУ и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) е од исклучителна важност. И понатаму, со здружени сили ќе работиме споделувајќи исти цели и визии.

Владата на Република Северна Македонија е цврсто определена да го одржи континуираниот рамномерен регионален развој и квалитетен живот за сите наши граѓани, во оваа наша убава земја, без разлика дали живеат во град, село или мало населено место.

Оваа Влада го откочи процесот на децентрализација и го отвори дијалогот за подобрување на системот на локалната самоуправа зашто е уверена дека нема локален развој и демократија без вистинска децентрализација.

Процесот што беше поттикнат со Охридскиот рамковен договор и со Уставните амандмани во 2001 година успешно беше заокружен во 2005 со пренесувањето на многу суштински надлежности на општините. Ова беше една од нашите успешни приказни којашто беше позитивно оценета и од меѓународната заедница. Децентрализацијата на власта беше еден од клучните, суштински придонеси за обезбедување на кандидатскиот статус земјата за членство во Европската Унија.

За жал, токму кога требаше процесот на децентрализација да се развива и постојано да се подобрува, да ги покаже придобивките со развој на општините демократизација на општеството, претходната Влада целосно го тргна од својата политичка агенда.

Наместо рамномерен развој на целата територија на државата, побрз развој на општините и на планските региони, на врвот на Агендата беше ставен проектот Скопје 2014. За сметка на централното градско подрачје во Скопје и потрошени 800 милиони евра на нефункционални објекти, целосно беа запоставени општините коишто продуцираа огромни долгови.

Новите градоначалници на почетокот на својот мандат се соочија со огромни долгови и нефункционални општини. Владата, свесна за потребите на граѓаните беше ставена во ситуација да интервенира со 50 милиони евра за санирање на 51% од евидентираниот долг на општините. Оваа година, во јуни Владата и ЗЕЛС го отворија дијалогот за продлабочување на процесот на децентрализација.

Во таа насока, денеска можам да соопштам дека средствата за рамномерен регионален развој за 2020 година само преку Бирото за регионален развој, во однос на 2017 година, се зголемени за над 100% или од 3,5 на 8 милиони евра. На една од последните седници на Владата утврдивме дека 30-те милиони евра што ТАВ требаше да ги вложи во карго аеродром, ќе бидат пренаменети за локални патишта, водоводи и канализации во локалните заедници ширум земјата.

Средства за локални и за регионални проекти обезбедуваат и други линиски министерства, како Министерството за транспорт и врски, Министерството за земјоделство и шумарство преку програмата за рурален развој, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование“, порача Заев.