Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Спасовски: Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан претставува јасна порака за европската перспектива

Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан претставува јасна порака за европската перспектива на регионот на Западен Балкан, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во свеченото обраќање на отворањето на Министерскиот Форум ЕУ – Западен Балкан, на министрите за внатрешни работи и за правда, во Собранието.

„Овој Министерски форум се одржува во исклучително важен период за Република Северна Македонија. Во изминатиот период решивме големи предизвици, чие решавање на сите им се чинеше невозможно. Успеавме, затоа што сите имавме силна мотивација – Европската перспектива за нашата држава и за нашите граѓани. И покрај сите препреки со кои се соочуваме на нашиот пат кон Европската Унија, сепак, земјата не отстапува од европскиот курс, од реформите, градењето на добрососедските односи и регионалната соработка“, потенцираше Спасовски.

Министерски форум ЕУ-Западен Балкан се одржува под покровителство на финското претседавање со Советот на ЕУ, а на него учествуваат делегации од земјите на регионот (Република Северна Македонија, Србија, Албанија, Босна и Хрцеговина, Црна Гора и Косово), а присуствуваат и еврокомесарите на ЕУ за внатрешни работи и миграции, Димитрис Аврамопулос и за правда – Вера Јоурова, потоа министрите за внатрешни работи и за правда на Финска, Марија Охисало и Ана Маја Хенриксон, како и претставници на ЕК, на Европскиот совет, на Еуроџаст, Европол, Венецијанската комисија и други.

Изразувајќи го задоволството што нашата земја ја доби можноста да биде организатор на овој Форум, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски истакна дека самиот тој чин претставува испраќање на јасна порака за европската перспектива на регионот на Западен Балкан, како единствена алтернатива која ќе обезбеди мир, стабилност и просперитет на негови граѓани.

Тој се осврна и околу заедничките предизвици во областа на безбедноста, кои што единствено можат да се решат со заедничка соработка и цврсто партнерство со земјите од Европската Унија, изразувајќи го уверувањето дека дискусиите од денешниот Министерски форум ќе отворат нови перспективи за градење на заеднички одговор во справувањето со илегалната миграција, организираниот криминал и тероризмот, но и за зацврстување на мостовите на соработка помеѓу државите од регионот.

Според министерката за внатрешни работи на Финска, Марија Охисало, која ја потенцираше поддршката на Република Финска, регионот на Западен Балкан е од висока стратешка важност за Европската Унија.

Еврокомесарот за внатрешни работи и миграции, Димитрис Аврамопулос упати благодарност на властите, особено на министерот за внатрешни работи за одличната организација на овој важен Министерски форум.

„Заедно постигнавме многу во овие изминати години. Целта е да го видиме ова соседство како членка на ЕУ. Ќе продолжиме да работиме и да го поддржуваме Западен Балкан, односно европското соседство“, рече тој во воведното обраќање. Според него, ситуацијата со мигрантите во овој регион не е ни блиску до она што се случуваше во 20015 и 2016 година.

„Сепак, притисокот од мигрантите расте и затоа треба да останеме будни. Веќе сме докажале дека сме посилни кога работиме заедно. Сите ја имате нашата поддршка“, подвлече еврокомесарот Аврамопулос.

Инаку, од аспект на внатрешните работи и правдата, предвидено е во трите работни сесии на Форумот да се говори на темите поврзани со миграцијата, безбедноста на границите, соработката со Фронтекс, потоа околу заедничката борба против тероризмот и превенцијата од насилниот екстремизам, како и борбата против организираниот криминал, со посебен осцврт на трговијата со луѓе и шверцот на дрога и оружје. На форумот ќе бидат презентирани и приоритетите на делување во текот на идното хрватско претседавање со Советот на Европа.

Во тренд…