Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Од утре почнува обврската за носење на зимска опрема

Од утре, 15 ноември, почнува да важи обврската за задолжително носење зимска опрема во возилата, која ќе трае до 15 март наредната година.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потсетува дека под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 килограми се подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала подразбира, зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, од шест милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, од најмалку четири милиметри.

Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил, и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина.

Зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 килограми подразбира: зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од шест милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, потребно е да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

Важно е да се истакне, велат од РСБСП, и дека перцепцијата за зимските гуми дека се гуми наменети за снег, е погрешна. Зимските гуми се погодни и безбедни за сите температури под 7 степени целзусови. Во услови на ниски температури летните гуми стврднуваат, добиваат карактеристика на пластика и го губат контактот со подлогата, додека зимските гуми се изготвени од таков материјал кој и во услови на ниски температури е мек и обезбедува стабилен контакт со подлогата и стабилно управување и запирање на возилото.

Покрај тоа, зимските гуми имаат таков дизајн (шара) која овозможува полесно истиснување на водата и снегот, а со тоа се овозможува и поголема стабилност и контрола во процесот на управување и запирање на возилото.

Во тренд…