8.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Три пати зголемено производство сончоглед од лани, новите договори со гарантирана цена

Успешно заврши проектот Договорно производство на сончоглед 2019 во организација на Асоцијацијата на производители на сончоглед, откупувачот – Фабриката „Благој Ѓорев“ од Велес и Владата. Според податоците на откупувачот, годинава се откупени три пати повеќе сончоглед од минатата година, објави Агротим.мк.

-Лани откупивме 2 300 тони, годинава со договорното производство имаме околу 7000 тони сончоглед од домашно производство. Задоволни сме од откупот, заштедивме девизи за увоз, а не охрабрија и земјоделците со желбата да сеат и полека да го враќаме сончогледот на македонските ниви – изјави Горанчо Лазов, генерален директор на АД „Благој Ѓорев“.

Земјоделците се задоволни од соработката со откупувачот „Благој Ѓорев“ за која велат дека била коректна и согласно договорот.
-Годинава имавме зголемен интерес за сеење на сончоглед поради сигурниот пласман но и зголемените субвенции од страна на државата која ни излезе во пресрет на нашите барања. Уште малку повеќе да не послужеше времето, годинава ќе имавме рекордни приноси – вели Никола Петковски, претседател на Асоцијацијата на производители на сончоглед.

Со ова позитивно искуство од реколта 2019, работната група ја најавува новата кампања на Договорно производство за 2020 година.

– Ќе одржуваме трибини, средби со земјоделците во цела држава каде што успева оваа култура и ќе разговараме како до повисоки приноси и подобар квалитет. Разговараме со г-динот Лазов, во договорите да има и загарантирана цена под која нема да може да се оди. Доколку на берзата цената е повисока тогаш да се доплати до берзанската цена. Сметам дека ова ќе значи уште поголем мотив за производителите заедно со значително зголемените субвенции за сончоглед од страна на државата – изјави Ленче Николовска од Агротим.мк – специјализирана платформа за информации од агркомплексот и агроберза.

Во работната група за Договорното производство на сончоглед е вклучена и фирмата „Биспромет Агроцентар“ од Битола преку авансирање на семе и останати репроматеријали во соработка со откупувачот- Благој Ѓорев.

-Во соработка со „Благој Ѓорев“, ќе им дадеме на земјоделските производители семенски материјал и други репроматеријали на одложено плаќање. Нашите семиња се висококвалитен, од познати еропски и светски семенарски куќи , докажани во светот кои гарантираат висок и квалитетен принос. Особено е важно што сортите се прилагодени на нашите климатски и почвени услови со цел земјоделците да добијат висок принос и да заработат од производството- вели Никола Ѓероски, директор на „Биспромет Агроцентар“.

Кампањата ќе стартува следната недела со трибина во Битола, а потоа средби со земјоделците ќе има и во Прилеп, Свети Николе, Велес, Куманово, Битола и други региони каде што успеава сончогледот.