5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Градоначалникот на Валандово: За 2 години сме општина со најмногу реализани проекти, Валандово е на прав пат

Прес конференција, Перо Костадинов, градоначалник на општина Валандово – интегрален текст:
 
Изминаа две години од добиената доверба да станам градоначалник на општина Валандово. Две години, од стекнатата одговорност и доверените обврски за решавање на општинските проблеми и трасирање на патот кон општинскиот развој.

Затекнавме општина со многу проблеми. Поставивме цели, одредивме приоритети и започнавме да реализираме претходно дадени ветувања.

Нашата прва цел, беше стопирање на изградбата на рудникот за бакар во Казандол. Тоа и го исполнивме. Го препознавме потенцијалот на земјоделието и започнавме да вложуваме во него. Во Валандово, се гради систем за наводнување, Јужен Вардар – 2 фаза, во вредност од 24 милиони евра, по која следува реализацијата и на третата фаза. Се отвараат нови објекти за откуп на земјоделскиот производ. Редовно се тампонираат полски патишта, и суштински се подобруваат условите во земјоделието.

Во патната и комунална инфраструктура низ општината, се вложува непрестано. По цели три децении реконструиран е булеварот „Првомајска“ и поставено е ново ЛЕД осветлување. Асфалтирани се четиринаесет улици по населените места. Изграден е нов паркинг простор и поставена е хоризонтална и вертикална патна сигнализација. Во тек е реализација на неколку капитални проекти, изградба на улица „Вардарска“ во Удово, изградба на улица која ќе го поврзе населеното место Горна Мала со регионалниот пат и изградба на фекална канализација во Брајковци и Балинци. Исто така, изградена е основната инфраструктура во индустриската зона во Јосифово и решено е сообраќајното поврзување на индустриската зона – „Раброво“.  А, се работи и на изготвување на техничка документација за изградба на нови улици, канализациони системи и водоводни мрежи.

Го решивме тоа, што сите претходни го ветуваа. Најгорливиот проблем за валандовчани. Изградени се, нови градски гробишта.

За подобрување на комуналните услуги во општината, набавена е нова машина ровокопач-натоварувач, инсталирани се неколку нови пумпи за водоснабдување, а за поголема хигиена набавени се 400 нови корпи за отпадоци, поставени се нови контејнери, како и садови за селектирање на отпад.

Во областа на образованието, ги менуваме работите темелно. Изградивме комплетно ново училиште во Казандол, нова училишна спортска сала во Јосифово, како и повеќенаменско игралиште во Калково. Редовно се обновуваат и подобруваат останатите училишта низ општината и за секое првооделенче, обезбедена е училишна униформа.

На полето на детската заштита. Изградена е нова детска градинка со капацитет за 50 деца, во Брајковци, која ќе ги згрижи децата од целиот Бојмиски реон.  Целосно се реконструира централната детска градинка во Валандово, во енергетско ефикасен објект. Во наредниот период ќе започне и изградбата на нова детска градинка во Јосифово.

Од општина без ниту една уредена туристичка локација денес, општина Валандово забрзано се впишува во туристичката мапа на државата. Партерно ги уредивме Кочулски водопади и работиме на туристичкото уредување на патеката од Валандово до манастирот Св, Ѓорѓи. Создадовме и многу нови урбани и зелени зони низ општината и со пешачка патека ги поврзавме населените места Брајковци и Балинци. Исто така, во тек е изградба на парк и плоштад во населеното место Удово.

Во изминатите две години, Валандовчани се сведоци на голем број културни настани. Се организираат театарски претстави, музички изведби, кино проекции, фолклорни настапи, а најстариот фестивал во државата „Фолк Фест Валандово“, повторно се одржува во месец мај.

Почитувани граѓани,

Проблеми за решавање остануваат уште многу. Наша задача е да ги решаваме и од неа не бегаме. Одлучни сме, да ги оствариме нашите цели и заеднички да изградиме урбана и развојна општина. Решени сме, да овозможиме достоинствени услови за живот за секој граѓанин овде и да создадеме еднакви услови за секого.  Валандово, може да биде место каде вреди да се живее.

Ќе го докажеме тоа.
 

Спонзорирано: