8.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Спасовски: Со измената на Законот за внатрешни работи ќе овозможиме праведност за полициските службеници

„Ако сакаме да имаме праведност во нашето општество, тогаш мораме да влечеме и конкретни потези, потези кои би придонеле таа праведност да се види на дело“, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на пратеничко прашање во врска со несразмерните пензии на одредени пензионирани полициски службеници во однос на други, за што причината се законските измени направени во 2010 година.

Имено, во Законот за внатрешни работи донесен во 2010 година утврдени се критериумите врз основа на кои полициските службеници можат да се пензионираат со 40 години стаж, без разлика на возраста, а со измената на законското решение во 2014 година се овозможува продолжување до плус три години, што е во согласност со Законот за работни односи.

„По 2010 година, со новиот закон, методологијата според која се пресметува основицата за пензија се заснова на десетте најдобри години во работниот стаж од 40 години, односно десетте години најдобра плата е основица за утврдување на пензијата. Кај полициските службеници кои се пензионирале пред донесувањето на овој закон, како основица се зема платата од сите 40 години и се утврдува просекот, па врз основа на тој просек се пресметува пензијата, поради што се создава сериозна разлика во пензиите“, објасни министерот Спасовски.

Тој нагласи дека ова прашање е веќе покренато, разговарано е со Здружението на пензионирани полициски службеници, а во координација со Министерството за труд и социјална политика, направени се средби и анализи за фискалните импликации, за бројката на засегнати лица и за правниот модел за изнаоѓање на соодветно решение.

„Како резултат на тоа веќе се подготви предлог за измена на законот која ќе им овозможи на овие полициски службеници пензионирани пред 2010 година, со измена или анекс на решението за пензионирање, да добијат пензија во иста висина како и нивните колеги кои се пензионирале по донесувањето на законот. Очекувам многу скоро ова законско решение да се најде во собраниска процедура и се надевам дека пратениците ќе имаат разбирање што поскоро да се усвои, а полициските службеници да добијат еден вид сатисфакција. Тие биле на браникот на државата, поднесувале разни ризици да ја сочуваат безбедноста и стабилноста на државата и како човек се чувствувам обврзан да најдам решение за нив. И јас сум задоволен и Владата може да биде задоволна што ќе понудиме законско решение на задоволство на граѓаните, а ќе се применува од моментот на донесување на законот па во иднина“, истакна министерот за внатрешни работи од собраниската говорница.