10.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Поднесено обвинение против Стевчо Јакимовски

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, и против други 10 лица, за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и за бесправно градење.

Јакимовски, кој е првообвинет, е осомничен дека во периодот од 2011 до 2017 година, како градоначалник, во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште сопственост на државата.

Според обвинението, тој во текот на 2012 година при спроведување на постапка за јавна набавка склучил и потпишал договор со правно лице, иако знаел дека правното лице нема доставена банкарска гаранција за квалитетно, а со тоа и навремено извршување на договорот. Тој, дозволил изведувачот да започне со изведување на активностите од договорот. По еден месец, заради неквалитетно изведување на работите, го раскинал договорот со изведувачот, со што овозможил правното лице да се стекне со имотна корист на штета на буџетот на општината во износ од 303.295 денари, односно 5% од вредноста на Договорот за јавна набавка.

Во периодот од 2012-2013 година во постапка за јавна набавка, Јакимовски причинил штета на буџетот на општината во износ од 14.609.653 денари. Откако јавната набавка била спроведена и бил склучен договорот, првообвинетиот давал усни инструкции на изведувачот за изведување на дополнителни работи, со што вкупната вредност на работите за изведување надминала 100% од вредноста на основниот договор.

Во истиот период, се наведува во обвиението, Јакимовски во име и за сметка на правното лице – општината, во својство на инвеститор без Одобрение за градење, изградил деловен административен објект на локалната самоуправа со што сторил кривично дело Бесправно градење. За објектот во 2016 година поднел Барање за утврдување на правен статус на бесправни објекти од локално значење.

Во периодот од 2011-2017 година, Јакимовски заедно со раководен државен службеник во општината, ја искористиле својата службена положба и овластување постапувајќи во предмети оформени по поднесените Барања за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект. Тие, иако знаеле и биле должни да знаат, дека објектите за кои се поднесени барањата се објекти што не смеат да бидат предмет на постапка за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, ги потпишале Урбанистичките согласности и дале согласност за вклопување на предметните времени објекти за деловна намена во урбанистичко планската документација. Со потпишаните Решенија за утврдување на правен статус на времените објекти за деловна намена како да се бесправно изградени објекти, овозможиле три правни и едно физичко лице да се стекнат со право на сопственост на објектите и ексклузивно право на откуп на земјиштето под објектите сопственост на Р.С. Македонија.

Со тоа овозможиле на две правни лица со непосредна спогодба да се стекнат со материјална и имотна корист во вид на градежно земјиште под објект за цена од 438 денари по метар квадратен, иако според Ценовникот за утврдување пазарна вредност на градежно земјиште и макролокација на Зони во Град Скопје изнесува 18.000 денари за метар квадратен. Со преземените дејствија обвинетите го оштетиле Буџетот на Р.С.Македонија во износ од 31.410.000 денари. Во текот на истрагата е утврдено дека едно од двете правни лица земјиште со површина од 1533 м2 купено за 671.454 денари, по само дваесеттина дена го отуѓило за 40.528.500 денари.

Освен Јакимовски, обвинети се и вработен во општината, членови на Комисијата за јавна набавка, одговорното лице во фирма која ги изведувала градежните работи, лице кое вршело надзор на градбата како и службени лица во општината.

Спонзорирано: