Градоначалници и други преставници од локалните самоуправи денеска во просториите на ЗЕЛС учествуваа на презентација на проектот за подобрување на социјалните услуги. Презентацијата ја организира Министерството за труд и социјална политика во соработка со Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Северна Македонија, а целта на настанот беше локалните власти детаљно да се информираат за можности за развој на социјални услуги во локалната заедница во согласност со потребите на корисниците.
„Една од главните цели на проектот е развој и подобрување на квалитетот на социјалните услуги во локалните заедници во согласност со потребите на граѓаните и зголемување на пристапот до социјалните услуги наменети за ранливите групи граѓани, постарите лица, лицата со попреченост и други лица за што се обезбедени 10,8 милиони евра за период на имплементација од 5 години. Општините ќе може да аплицираат за грантови наменети за проекти за развој на социјални услуги во локалните заедници, вклучувајќи непосредна социјална услуга, помош на индивидуа или семејство, домашна нега, лична асистенција, дневна нега, привремена грижа, мали групни домови, дневни центри и услуги за живеење со поддршка и други иновативни услуги во заедницата“, изјави Душан Томшиќ од Министерството за труд и социјална полиика.
Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, истакна дека ова е една одлична можност за поддршка на локалната власт во обезбедувањето на социјалните услуги за своите граѓани.
„Особено што доаѓа во момент кога ЗЕЛС заедно со Владата на Република Северна Македонија реализира многубројни активности за утврдување на можностите за продлабочување на процесот на децентрализацијата и пренесување повеќе надлежности на локално ниво, меѓу кои и надлежности од областа на социјалната заштита. Затоа ова го сметам како полезна обука за локалната администрација во насока на нивно подготвување како во иднина тие самостојно да управуваат со овие средства и да реализираат проекти што ќе обезбедат заштита на граѓаните од социјалните групи во својата средина“, истакна Перишиќ.