Чувството на изневереност од страна на Европската Унија не смее да нѐ оддалечи од европските вредности, не смее да нѐ оддалечи од патот на реформите, од патот на создавање пријатели од своите соседи, од патот на создавањето на функционално мултиетничко општество, од патот да создавање европска држава по европски правила, стандарди и вредности бидејќи нашиот пат бил, нашиот единствен пат е и останува да биде европската перспектива и од тоа отстапување нема, рече вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на седницата на Комисијата за европски прашања, прва по неодамнешниот самит на ЕУ.
Во своето обраќање Османи накусо се осврна на резултатите што Република Северна Македонија ги постигнала на полето на европските интеграции поради кои, како што наведе Османи, земјата со право очекуваше почеток на преговорите.
„Без разлика на сегашната состојба, Република Северна Македонија е навистина пример на Балканот за тоа како се гради функционална мултиетничка демократија со почитување на европските принципи на еднаквост, на солидарност, на компромиси, земја што како ретко која може да се пофали дека на правилен начин ги затвори сите поголеми отворени политички прашања независно дали се тоа односите со соседите или внатрешните односи меѓу разните етнички заедници, меѓу разните политички, социјални или општествени целини“, истакна Османи.
Во оваа насока тој потенцира дека поканата за членството во НАТО, но и брзата ратификација од земјите членки на алијансата, која се одвива во текот на целиот овој период, претставува јасна порака од европските и светските пријатели дека Северна Македонија е на вистинскиот пат, дека претставува дел од семејството на западните држави и дека со право се надева на членство во сите мултилатерални организации што ѝ припаѓаат на западната цивилизација.