Со проекциите на филмовите „Нефер свет“ на Филипос Цитос и „Поликсени“ на Дора Масклавану денеска завршува годинешното издание на Фестивалот на грчки филм и култура.
Во 18 часот во кино „Милениум“ е проекцијата на филмот „Нефер свет“:
„Сотирис е полициски иследник во Атина, кој има опсесија: мора да биде фер. Тој ги суди осомничените според неговиот личен морал, но спротивно од законот. Со намера да спаси уште една невина душа, тој случајно убива човек“, се вели во најавата за проекцијата на филмот.
Режисерот на филмот „Нефер свет“, Филипос Цитос (1966) е роден во Грција, но од 1998 година живее во Берлин. Студирал бизнис администрација и работел како фотограф, асистент на режија, музички супервизор и радио продуцент.
Неговиот прв долгометражен филм „Мојот сладок дом“ беше единствениот германски учесник на Берлиналето во 2001 во главната конкуренција. Филмот „Академијата на Платон“ беше награден на филмскиот фестивал во Локарно во 2009 со наградата за најдобар актер, Екуменската награда, а беше номиниран и за Лукс наградата во 2010. Неговиот трето остварување, „Нефер свет“ беше во главната конкуренција на филмскиот фестивал во Сан Себастијан во 2011.
Во 20 часот, пак, во „Милениум“ е закажана проекција на филмот „Поликсени“.
„Во 1955 година, грчка двојка, видни граѓани на Истанбул, посвојуваат девојче – сираче од нивниот роден град во Грција. Тие ѝ нудат моќно презиме и ѝ ветуваат убава иднина. Дванаесетгодишната Поликсени е разделена од нејзиниот помал брат. Таа се впушта во нов живот и иднина која делува светла. Добива образование, станува возрасна и се заљубува. Има страст за животот, несвесна за подлите планови за уништување што другите ги плетат зад нејзиниот грб“, истакнуваат организаторите на фестивалот во најавата за филмот.
Дора Масклавану која е режисерка на филмот „Поликсени“, работи и како сценарист и актерка. Нејзиниот прв долгометражен филм „Утре е нов ден“ имаше позитивни критики, а вториот „Доаѓам како пријател“ ѝ донесе уште повеќе внимание и учества на фестивали. „Поликсени“ е нејзин трет долгометражен филм./Makfax