Подобрување на имиџот и репутацијата на стручното образование и занимања во јавноста, а истовремено да ги мотивира граѓаните, особено младите, да градат кариера во стручните занимања, е целта на новата информативно-едукативна кампања финансирана од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД, Фондот за иновации и технолошки развој и Програмата за развој на Обединетите нации, со поддршка од Меѓународна организација на трудот, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Владата на Република Северна Македонија.
На настанот за отпочнување на кампањата за промоција на стручно образование и занимања преку панел-дискусија се обратија претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, амбасадорката на Швајцарија во РСМ, Сибил Сутер Техада и директорот на УСАИД во РСМ, Ерик Јановски.
Во неговото обраќање, премиерот Заев рече дека инвестирањето во иновациите и информатичката технологија овозможува обезбедување стручен и компетентен кадар, кој се остварува преку квалитетен образовен систем, на чија реформа Владата сериозно е посветена.
„Нашите мерки и политики, како што е Планот за економски раст, финансиската поддршка за старт-ап компании и другите, се поттик за младите луѓе да се охрабрат и своите идеи да ги претворат во успешни бизниси. Овие квалитетно квалификувани кадри, ќе бидат добредојдени во компаниите кои сè повеќе инвестираат во нашата земја, а кои пак заради развиената технологија бараат стручност и компетентност, во одредените индустриски гранки. Ние, со поддршка на нашите пријателски земји, преку кои запознавме искуства од примената на дуалното стручно образование го започнавме процесот на имплементирање, со воведување на експериментални паралелки во пет општини, каде учениците се стекнуваат со практични вештини директно во компаниите, каде ќе можат и да се вработат откако ќе го завршат образованието“, истакна премиерот Заев.
Во изминатиот период Владата, преку Министерството за труд и социјална политика креира активни мерки за вработување, во широка консултација со бизнис секторот и на тој начин ја усогласува понудата и побарувачката на пазарот на трудот.
„Како Влада правиме голем напор од една страна да отвориме квалитетни работни места, а од друга страна да ги подготвиме младите за пазарот за труд, односно да ги насочиме и да им овозможиме да се надградуваат токму во вештините кои се бараат. Обврска на секој од нас е да вложуваме во нив, во нивно образование и услови за напредок. Наша задача е да ги насочиме, да им ги отвориме вратите и да им покажеме дека е можно да се успее. Донесовме и нов законот за практиканство кој се покажува дека помага во премостување на периодот од образование кон вработување. Ова решение беше одлично прифатено од сите, бидејќи е од корист и за младите и за компаниите. Младите имаат можност да се стекнат со практична работа во компаниите во траење од шест месеци и за истата да бидат платени, а работодавачите да препознаат квалитети кадри коишто трајно ќе ги вработат. Во првите три месеци им следува надоместок од 5.000 денари, а во вторите во висина на минимална плата“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Министерството за образование и наука во изминатиот период активно работеше на измена на регулативата со која треба да се обезбеди учење преку работа во стручните училишта, на формирање на регионални центри за стручно образование и обука, ја поттикнуваше соработката меѓу компаниите и училиштата заради обезбедување квалитетна практична настава, а истовремено ги олесни и процедурите за верификација на провајдери за обука во неформалното образование и обезбеди соодветно вреднување на стекнатото не-формално и информално образование.
„За да може правилно да ги трасираме неопходните реформи во образовниот систем, Министерството за образование и наука даде целосна поддршка на имплементацијата на концептот на дуално образование со кој се овозможува учење преку работа, односно повеќе пракса за учениците. На овој начин, работиме на унапредување на образовниот систем да биде способен да продуцира знаење и вештини што им се релевантни и потребни на индустријата и на современата дигитална економија, преку имплементација на најдобрите светски искуства во овој сегмент“, истакна министерот за образование и наука, Арбeр Адеми.
Кампањата треба да влијае мотивирачки и на образовните, државните институции, бизнисот и граѓанскиот сектор да работат уште поинтензивно во поддршката на ваквиот вид едукација и во создавање поголеми можности за усовршување и кариерен развој за оние кои ќе ги изберат стручните занимања.
„Нашата интервенција во Северна Македонија е поврзана со еден од клучните елементи на швајцарскиот систем – силниот ангажман и големата вклученост на приватниот сектор во стручното образование и обука. Само на овој начин младите лица кои завршуваат стручно образование во Северна Македонија може да стекнат вештини кои се барани од страна на компаниите“, истакна амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер.
Објаснувајќи го главниот мотив за вклучувањето на УСАИД во оваа кампања, нивниот претставник во земјава, Ерик Јановски нагласи дека УСАИД посветено работи и ја подржува земјата во напорите за зголемување на вработувањето, не само преку отворање нови работни места, туку и преку обезбедување директна помош со цел луѓето да стекнат вештини кои им се неопходни за се вработат на работни места кои веќе се достапни.
„Ја поддржуваме оваа кампања за да овозможиме на граѓаните, особено младите, да ги добијат одговорите кои треба да им помогнат да ја донесат вистинската одлука за нивната едукација и кариера.“
Кампањата за промоција на стручното образование ќе се одвива до мај 2020 година и ќе се реализира преку различни комуникациски алатки, вклучувајќи видео пораки кои ќе се споделуваат на традиционалните медиуми и на социјалните мрежи.
Заинтересираните исто така ќе можат да се информираат за сите аспекти преку веб-страница zanimanja.mk создадена со помош на Меѓународна организација на трудот, во соработка со МТСП и надоградена за потребите на кампањата.