Се намалуваат тарифите што корисниците ги плаќаат за стандарден и повторен приклучок на струја, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.
Отсега нема да постои нестандарден приклучок за струја, кој се наплаќаше по повеќе од 2.000 евра, поради тоа што општините немаа усвоено ДУП, туку ќе има исклучиво стандарден приклучок, кој досега чинеше 500 евра во подрачјата каде што општините имаат донесено детален урбанистички план, а во иднина ќе чини 370 евра.
– Граѓаните не се виновни затоа што општините не донеле ДУП и затоа се укинува нестандардниот приклучок, односно сите ќе плаќаат по 370 евра без разлика на која локација се наоѓаат – велат од РКЕ.
Се намалува и цената за одвојување на броилата, што ќе чини 200 евра, или 300 евра помалку од досегашната цена. Исто така, се намали и цената што корисниците ќе ја плаќаат за повторен приклучок доколку биле исклучени поради неплатени сметки. Сега оваа услуга ќе чини 440 денари, а повторниот приклучок ќе се врши во најбрз можен рок, додека претходно се плаќаше околу 1.700 денари за повторно приклучување, информираат од Комисијата.