Во основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар, каде што учениците со војнички поздрав ја поздравија турската офанзива во Сирија, ќе биде извршен инспекциски надзор и ќе биде донесена соодветна одлука, соопшти Министерството за образование. Од таму велат дека политиката е неприфатлива во образовниот процес и го осудија ваквиот чин.
„Законската регулатива отсекогаш го забранувала политичкото организирање и дејствување во училиштата кое соодветно се санкционира. Во тој контекст и согласно пласираните информации во јавноста, Министерството за образование и наука ги осудува активностите кои биле организирани во основното училиште ‘Мустафа Кемал Ататурк’ во Гостивар и во кои учествувале ученици, а преку кои била испратена политичка порака за поддршка на воени акции на одредена држава“, се вели во соопштението.
Тоа е апсолутно неприфатливо, додаваат од МОН, и секако надлежниот инспекциски орган, односно Државниот просветен инспекторат соодветно ќе постапи и одлучи согласно констатираното за време на надзорот.
МОН ги повикува менаџментите на училиштата, вклучително и на ОУ „М. К. Ататурк“ да се воздружуваат и да спречуваат организирање на било какви активности кои имаат политичка позадина и испраќаат политичка порака.
Завчера на „Фејсбук“ страната на училиштето се појави фотографија на која ученици, во придружба на настаниците и останатиот персонал од училиштето, стојат под турско знамe и упатуваат војнички поздрав за поддршка на турското воено движење, што несомнено алудира на турската воена офанзива во Сирија./Makfax