24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Дванаесет години од смртта на Тоше Проески

На денешен ден пред дванаесет години пејачот Тоше Проески трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб, на 26-годишна возраст. Вест што го шокираше целиот Балкан.

На неговото вечно почивалиште во Крушево денеска ќе пристигнат маратонците што традиционално, оваа година по 12. пат, трчаат од Нова Градишка. Средното училиште „Наум Наумовски-Борче“ со поддршка на Општина Крушево и на Локалниот младински совет и други институции, угостители, компании и граѓани набави рози кои ќе бидат оставани на патот каде што ќе поминуваат маратонците – од влезот на градот до гробот на Тоше на Гумење.

Непознати песни од Тоше Проески беа објавени во албумот „Secret place” кој беше промовиран минатата година на голем концерт во ноември, кога во чест на Тоше настапија негови колеги од Балканот.

Тодор Проески – Тоше роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во земјава, го одржа на Градскиот стадион во Скопје на 5 октомври 2007.

Во негова чест стадионот од оваа година го носи името Национална арена „Тодор Проески“.