Лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски денеска испратија пораки за очекувањата во врска со состанокот на Европскиот совет наредната недела, кога ќе се одлучува за почеток на преговорите со Европската Унија.
Премиерот Зоран Заев од граѓанската трибина „На прав пат“ во Куманово изјави дека нема држава што има сработено колку ние што направивме за преговори за членство во Европската Унија. Заев порача дека државата и граѓаните со право очекуваат почеток на преговорите со ЕУ и тоа да биде објавено веќе наредната недела.
„Сработивме се што беше потребно и со право за неколку денови очекуваме почеток на преговори со ЕУ. Знам дека нема друга земја која како кандидатка за членство, сработела онолку колку што ние како држава среаботевме за сите 15 години колку што сме земја кандидат, но особено во последните 2 години“ порача претседателот на СДСМ и премиер Заев, додавајќи дека веќе е извесно дека Република Северна Македонја е 30 земја членка на НАТО Алијансата.
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека не верува оти земјава ќе добие датум за отпочнување на преговори со Европската Унија. Тој рече дека датумот ќе биде исклучително условен, а според вестите што ги има, можно е таков датум и да нема.
„Нашите партнери гледаат дека во нашава земја владејат арамилакот и пустошот. Токму од тие причини, датумот не само што може да биде условен, туку и одложен за други времиња“, Мицкоски кој денеска оствари средба со граѓани во Карпош, како дел од караванот „Обнова на Македонија“./Makfax